Азир Алиу, фото Влада
Азир Алиу, фото Влада

Лекарите со години пријавуваат во полиција ако им дојде пациент што претрпел насилство, Алиу вели сега ќе може да го евидентираат и во „Мој термин“

Министерот за здравство Азир Алиу денеска изјави дека лекар ќе може да евидентира во системот „Мој термин“ ако забележи дека некој пациент претрпел насилство. Со години лекарите пријавуваат во полиција доколку кај нив дојде пациент што има знаци на физичко или сексуално насилство, а Алиу вели дека сега ќе го евидентираат тоа и во „Мој термин“. Повеќе доктори што ги контактираше „Слободен печат“ велат дека постојано, со години пријавуваат вакви случаи во МВР, кога забележуваат дека има видливи повреди или повреди на телото што не соодветствуваат со она што го кажува пациентот. Некои од нашите извори велат дека дури наложувани биле испитувања за тоа дали пациентка е силувана поради такви сомнежи.

Алиу пак, денеска во Собранието рече дека со воведувањето на случаите во системот, ќе може да се следат пациентите кои се соочуваат со насилство.

-Доколку пациентот доаѓа со истите знаци и по еден месец или по една година, ние може со оваа услуга да ги пријавиме и од правен, психолошки аспект, да видиме што се случува со пациентот, зошто не го пријавува ова насилство – рече министерот.

Тој рече дека се координираат со Светската здравствена организација, која ги дефинира насоките како ќе се третираат пациенти што претрпеле насилство.

– Идејата е да создадеме протокол што ќе има еден центар, кој ќе биде дел од болниците во кои нема да биде само лекарот, туку ќе има и психолог и правник, кој од законски аспект ќе ги третира процесите. Така што, ова се протоколите, кои се стандардизирани, ние ќе ги земеме и ќе ги спроведеме во здравствениот систем, рече Алиу.

Алиу посочи дека се покажало оти доколку еднаш има насилство, тоа се повторува.

– Планираме со Комората на лекарите во текот на лиценцирањето на лекарите да има еден модул што ќе биде многу повеќе фокусиран на насилството во здравствените институции и навреме да ги откријат, рече тој.

Тој додаде дека Министерството подготвува програма за зајакнување на здравствениот систем за 2027 година, со предвиден буџет од 32 илјади евра за превенција, бесплатни услуги за жртвите, кампањи за подигнување на свесноста и обуки за здравствените работници.

-Паралелно, работиме и на интеграција на центрите за сексуално насилство во систематизацијата на здравствените установи, со што овие услуги стануваат траен дел од системот. Особено значајно е поврзувањето на овие центри со електронскиот систем „е-здравство“, што ќе овозможи системско евидентирање на случаите и креирање политики врз основа на реални податоци. Овие иницијативи се важен чекор кон интегриран и ефикасен систем, истакна министерот Алиу.

Тој посочи дека во делот на законската рамка, се прават важни исчекори, како што е вклучување на насилството како основ во Законот за здравствена заштита, како и повторно воспоставување регистар за насилство во рамки на здравствениот систем.
 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот