Зошто родовата еднаквост и правата на ЛГБТИ заедницата влеваат несигурност во општеството?

Парада на гордоста во Скопје
Парада на гордоста во Скопје / Фото EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Додека Eвропската Унија бележи напредок во правата на трансродовите лица и нивното право да го променат полот, во Македонија минатата недела се повеќе се заострија ставовите околу прашањето за Предлог-законот за матична евиденција. Во ЕУ во вкупно девет земји-членки, трансродовите лица можат да ја променат ознаката за пол во лична карта преку самоопределување. За време на Парадата на гордоста која се одржа на 24 јуни во Скопје беа испратени пораки дека треба да се почитува родовата разноликост, а учесниците побараа право на промена на полот преку книгите за матична евиденција. Веднаш потоа, МПЦ најави сенароден собир против законските измени за матична евиденција, но и родова еднаквост. Според г.г. Стефан, законските измени ќе ја присилат црквата да говори за светски поредок кој им е туѓ на апостолите, а жената ќе ја сведат на поткатегорија, изедначувајќи ја со мажи кои никогаш нема да бидат жени во вистинска смисла на зборот.

Повикот за протест на МПЦ го осуди Платформата за родова еднаквост. Тие порачаа дека мешањето на црквата во овие предлог -законски решенија е само директен упад во секуларноста на државата и непочитување на Уставот, а пред сѐ на жените во земјава и непрепознавање на нивните реални животни ситуации.

Што содржи законот за родова еднаквост?

Предлог-законот за родова еднаквост има за цел да ја унапреди положбата на жената во општеството создавајќи еднакви можности за мажите и жените. Со Законот за родова еднаквост, како што појасни министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска ниту се третира менувањето на полот, ниту истополови бракови, единствена област на којашто е фокусиран е еднаквите можности.

Г.г. Стефан во своето обраќање за време на протестот пред Соборниот храм ја оспори Истанбулската конвенција. Според него, таа наместо да ја заштити всушност ја повредува жената.

Велат дека ќе ја ослободат жената од стегите на црквата, а во реалност ја сведуваат на поткатегорија, изедначувајќи ја со мажи кои никогаш нема да бидат жени во вистинска смисла на зборот. На тој начин му даваат легитимитет на насилството врз жената. Жените во Македонија верувам дека не сакаат таква лажна еднаквост и такви лажни права и не сакаат да бидат ослободувани од црквата бидејќи од таму ја живеат вистинската слобода. Во мајката црква гледаат сигурно засолниште од овој заразен бунт против поредокот востановен од Создателот. Впрочем голем дел од жените и сега сте тука, дојдени од сите краеви на Македонија за да посведочите дека не го сакате ропството кое некој го нарекува слобода, ниту за себе, ниту за своите деца – истакна тој.

Што содри законот за матична евиденција?

Во Македонија според закон не е забрането да се промени полот во матичната евиденција, но тој нема јасни насоки и институциите сами треба да одлучат како ќе се одвива таа процедура, што може да трае долго време. Со новите законски измени, доволно е само да сте полнолетни и со изјава од нотар да го промените полот во матичната евиденција.

Законот за матична евиденција го третира родовиот идентитет односно можноста на трансродово лице да ја смени ознаката во матичниот број, онаму каде што се обележува полот.

Со овој закон, министерката Тренчевска појаснува дека ако се признае трансродово лице, останатите граѓани не губат ништо. Напротив, се придонесува да трансродовото лице добие заштита и можности да ги реализира своите права.

Сепак, епископот Јаков Стобиски вели дека со овие законски измени се отвора Пандорина кутија секој ден да излегуваат разноразни родови и секој да биде што ќе посака.

Просто, тоа е нешто на кое не сме навикнати и не го прифаќаме. Во демократско општество градењето на законите мора да зрее паралелно со потребата но и со подготвеноста на една заедница да ги прифати промените, тука чувствуваме дека се врши насилство врз волјата на народот – заклучи тој.

Од Платформата за родова еднаквост во меѓувреме ја повикаа Владата да ја потенцира посветеноста на своите политики за унапредување на родовата еднаквост и за заштита на основното право на живот на родово различните луѓе.

Децата, жените и сите оние кои се различни по свој род и родов идентитет не бараат ништо повеќе освен своите основните права – за да можат да живеат исполнето, безбедно и во социјална благосостојба и за да можат да придонесуваат кон градењето демократско општество – се вели во реакцијата од Платформата.

Ако сакаме да имаме општество вистински еднакво за сите, тие порачаа дека тогаш во Македонија не смее да има место за омраза и насилство.

Законот за матична евиденција, кој е во редовна постапка во Собранието, неизвесно е дали ќе добие поддршка од пратениците. На Извршниот одбор на владејачката СДСМ, минатата недела беше одлучено дека законот во ваква форма не треба да биде донесен и треба да продолжи процесот и вклучување на сите засегнати страни со цел изнаоѓање општо прифатливо решение.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери порача дека такви какви што се, законите нема да добијат поддршка од него како пратеник на ДУИ. Ова не е само закон, вели тој и додава, и ако е за Европа, ова е последното нешто што треба да се направи за Европа.

Каква е состојбата во регионот и ЕУ по ова прашање

Македонија цели кон олеснување на процесот на промена на полот, но во земјите од регионот состојбата е поразлична. На пример, во Србија и Босна и Херцеговина трансродовите лица можат да го променат полот само со направена медицинска интервенција.

Хрватска, која е дел од ЕУ бележи голем напредок на ова поле. Фондот за здравство ги покрива трошоците за операциите за промена на полот, а матичните служби ја внесуваат промената на родот.

Во 2014 година, Данска беше првата европска земја која го усвои законот со кој се олеснува законската промена на полот и е една од деветте земји во Европа кои усвоија системи за самодекларирање.

Во февруари Шпанија исто така усвои закон со кој го олеснува самоопределувањето на трансродовите лица. Шпанија е и првата земја во Европа кој усвои закон со кој им овозможува на жените платено менструално отсуство.

Во 2022 година, Амстердам беше прогласен за најквир-пријателски град во светот од страна на „Отворени за бизнис“, при што во извештајот се цитираат „добредојдените ставови“ на холандската престолнина опишувајќи ги како „силен глобален светилник“ за про-ЛГБТИ ставовите. Високо рангирани се и Лондон, Берлин, Стокхолм и Даблин.

Што се однесува до најновиот извештај на ИЛГА, Малта повторно е прогласена за најдобра европска земја за правата на ЛГБТИ, задржувајќи се на првото место на индексот Rainbow Europe осма година по ред.

Како што пишува Еуроњуз, најзагрижувачки се промените забележани од чуварите на ЛГБТИ во текот на изминатата година, а тоа е порастот на квирфобични злосторства од омраза.

Во 2022 година имаше голем пораст на насилството врз ЛГБТИ луѓето, не само по бројки, туку и по сериозноста на тоа насилство. Франција, Белгија, Холандија и Обединетото Кралство се меѓу земјите цитирани дека пријавиле такво зголемување. SOS Homophobie во Франција, исто така, забележува дека хомофобичното и трансфобичното насилство се зголемени за 28 и 27 отсто, во однос на минатата година. Но, сепак, високо на листата со најлоши услови за ЛГБТИ заедницата во ЕУ остануваат Унгарија и Полска.

Во новообјавениот извештај на Европската комисија тие велат дека е забележан пораст на анти-ЛГБТИ реториката, поттикната од дезинформации и лажни наративи, кои често доведуваат до насилство, вознемирување и стигматизација.

Сепак, најновата студија на ИЛГА остава простор за оптимизам, настрана зголемувањето на насилството, правната ситуација за ЛГБТК луѓето во Европа севкупно се подобри.

„И покрај интензивните анти-ЛГБТИ напади во неколку земји, еднаквоста сè уште напредува низ Европа“, се наведува во извештајот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот