Зоните стануваат вистински „гратчиња во град“, ниту една странска компанија не ја напуштила Македонија

Фото: Архива

На подобрувањето на постојната инфраструктура се надоврзува изградбата на амбуланти, детски градинки и објекти за времено сместување, кои имаат сопствени мензи и соби за престој, како и складишта со простор за паркирање во овие слободни економски зони, за што ќе се вложат 29 милиони евра

Ниту една странска компанија што инвестирала во зоните не ја напуштила Македонија, иако се „плетеа“ разни претпоставки и најави. Напротив интересот за реинвестирање е зголемен како меѓу домашните, така и меѓу странските компании, велат од Дирекцијата на ТИРЗ. И во екот на најголемата економско-енергетска криза, нашите три адути се географската положба, мобилноста на работната сила и членството во НАТО. Од ТИРЗ внимателно ги „слушаа“ барањата на компаниите, па не е чудно што технолошко-развојните зони стануваат вистински „гратчиња во град“. Сега во зоните работат повеќе од 18 илјади лица, а нето-просечната плата е над 43.000 денари.

– На подобрувањето на постојната инфраструктура се надоврзува изградбата на амбуланти, детски градинки и објекти за времено сместување што имаат сопствени мензи и соби за престој, како и складишта со простор за паркирање во овие слободни економски зони. Со тоа ДТИРЗ значајно ја зголемува нивната атрактивност, а што е уште поважно, се подобрува конкурентноста во привлекувањето на нови компании што ќе покажат интерес да отворат производни капацитети во земјава – поентираше доскорешниот директор на ДТИРЗ, Јован Деспотовски. За таа цел ДТИРЗ ќе вложи 29 милиони евра, а со тоа ќе се подобрат условите за работа во индустриските зони во Скопје, Штип и Прилеп. На почетокот на годинава беше објавено дека тендерот за изградба го добила градежната компанија „Стентон градба“.

Изградбата на овие објекти е на барање на странските инвеститори. Така, на пример, од „Линамар“ која е присутна во земјава пет години, во анкетата што ја спровела ДТИРЗ, наброиле дека им е потребно подобро поврзување со зоните, отворање на банка, детска градинка, ресторани и други продавници…

Од ДТИРЗ и најавата дека зоните Скопје 1 и Скопје 2 ќе се фузираат, што е овозможено од најновата инфраструктурна поврзаност со надвозник за полесен пристап за камионите што носат суровини и изнесуваат готови производи.

– Три нови функционални згради ќе добијат зоните во Прилеп, Штип и во Струга во кои ќе бидат сместени царинските и шпедитерските служби, а ова се прави поради зголемениот обем на работа. Досега овие вработени беа сместени во контејнери – посочи Деспотовски.

Последната Анкета на Советот на странски инвеститори покажа дека како најголеми ризици за бизнисот во 2024 година компаниите ги посочија недостатокот на работна сила, инфлацијата, неконзистентноста на економските политики, растот на цената на енергенси и корупцијата.

– Како најважни приоритети на кои треба да се фокусираат државните институции во оваа година, компаниите ги посочуваат подобрувањето на инфраструктурата, примената на најновите меѓународни сметководствени правила и стандарди и ревидирање на договорите за државна помош поврзани со оправдани инвестициски трошоци, како и усогласување на царинските стапки за увоз на производи што доаѓаат од трети земји и да нема дополнителни бирократски бариери. Бараат и олеснување на правилата и на постапките за влез и работа на странски државјани, како и подобрување на услугите за постојните инвеститори – истакна Виктор Мизо, претседател на Советот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот