Зеленски благодарен за продуктивната средба со Трамп, републиканскиот кандидат за претседател верува дека може да стави крај на војната

Украинскиот претседател Володимир Зеленски и републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп за време на нивната средба во кулата Трамп во Њујорк, САД, 27 септември 2024 година. Претседателот Володимир Зеленски пристигна во САД на 22 септември 2024 година за да се сретне со највисоките функционери и да го претстави својот план за запирање на војната со Русија. EPA-EFE

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски изрази благодарност за „многу продуктивната средба“ со Доналд Трамп одржана денеска, откако двајцата разговараа за конфликтот на Украина со Русија во облакодерот на поранешниот американски претседател во Њујорк.

„Имав многу продуктивен состанок со @realDonaldTrump“, објави Зеленски на X.
„Му го претставив нашиот план за победа и темелно ја разгледавме ситуацијата во Украина и последиците од војната за нашиот народ. Беа дискутирани многу детали. Јас сум благодарен за оваа средба, потребен е праведен мир“.

Трамп претходно рече дека е време да заврши руската војна во Украина.

За време на кампањата, републиканскиот претседателски кандидат постојано го критикуваше украинскиот лидер. Неколку часа пред средбата се чинеше тешко дека средбата ќе се одржи.

Додека двајцата политичари стоеја еден до друг, Зеленски рече дека верува оти и двајцата „имаат заеднички став дека војната мора да престане и дека Путин не може да победи“, додавајќи дека ќе разговара за деталите од неговиот „победнички план“, со Трамп.

И покрај разликите што постојат меѓу нив со години, Трамп нагласи дека има многу добри односи со Зеленски.

„Како што знаете, јас исто така имам многу добри односи со претседателот Путин и мислам дека ќе најдеме решение многу брзо доколку победиме на изборите.

„(Војната) мора да престане, (Зеленски) минува низ пеколот, неговата земја минува низ пеколот низ кој поминале неколку земји“, им рече тој на новинарите.

Пред состанокот во петокот, Трамп повтори дека ќе може да најде решение за ставање крај на војната доколку победи на изборите, пред Џо Бајден да ја напушти функцијата во јануари.

Тој одби да елаборира дали верува дека Украина треба да ѝ отстапи одредена територија на Русија како начин да се стави крај на војната.

Иако Зеленски е во Америка од неделата, дури во четвртокот вечерта беше потврдено дека ќе се сретне со Трамп, пренесе Би-Би-Си.

Некои републиканци беа лути кога Зеленски, придружуван од водечките демократи, ја посети фабриката за оружје во родниот град на Бајден, Скратон, Пенсилванија, претходно оваа недела.

Тие порачаа дека патувањето на украинскиот претседател во земја каде што изборната трка ќе биде неизвесна е да ги поддржи демократите.

Претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон рече дека посетата е „мешање во изборите“.

Во претходниот период Трамп силно ја критикуваше американската финансиска помош за Украина, а последните денови Зеленски го нарече „најголемиот продавач на планетата“.

Од друга страна, Зеленски неодамна изјави за Њујорк Тајмс дека верува оти Трамп „навистина не знае како да ја запре војната“.

Запрашан да ги коментира овие тврдења, Трамп рече: „Не се согласувам со него. Тој не ме познава“.

Претходно во четвртокот, Зеленски се состана со американскиот претседател Џо Бајден и потпретседателката Камала Харис во Белата куќа за да го претстави „победничкиот план“, за кој се надева дека ќе ја принуди Русија да се согласи на дипломатски крај на конфликтот.

Неколку часа пред тоа, Бајден најави дополнителна воена помош од 7,9 милијарди долари за Украина.

„Ќе го решам конфликтот уште пред инаугурацијата“: Трамп по средбата со Зеленски во Њујорк

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот