Здравството го мачат старите болки: Таравари најавува нови компресори, ненајавени инспектори, позитивна листа на лекови, вработување специјализанти и чистка на директори

Арбен Таравари / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Општи и заеднички служби објавија тендер за целосно да се смени компресорската станица и со тоа хируршките сали во Клинички центар да профункционираат, најави министерот за здравство Арбен Таравари. Крајниот рок да се заврши зафатот е декември.

Во меѓувреме салите ќе работат со надворешни компресори со половичен капацитет. Товарот за тешките операции го преземаат ГОБ „8 Септември“ и старата Градска болница.

Но, во ГОБ „8 Септември“ како што веќе објавивме, има проблеми. Оперативниот блок е стар и нереновиран, а шест години ниеден министер за здравство не распишал тендер за целосно да се реновира одделот со шест нови оперативни сали и една интензивна нега иако постои проект за таквото реновирање, истиот не е реализиран. Така, при поголеми дождови, таваните продолжуваат да пропуштаат вода, бидејќи станува збор за зграда изградена во 1972 година.

Таравари денеска пред новинарите потврди дека проектот постои и дека ќе бара финансии да се реализира.

-Навистина и во Клинички центар ги видов салите, не изгледа добро. Во ГОБ „8 Септември“ не сум бил да видам ама кажуваат дека и таму не се во добра состојба. Морам да се консултирам како стоиме со финансиски средства. Ако добијам парични средства, ќе инсистирам и таму што побрзо да почнеме со реконструкција, рече Таравари.

Министерот најави дека со укинувањето на економските директори што го планира и делумно почна да го реализира, ќе се намали бројот на директори во Клинички центар од 64 на 32. Со тоа ќе се намали и бројот на членови на управни одбори од 160 на пет до седум лица.

Планот за Клинички центар е да се прекопира искуството од Словенија и целиот Клинички центар да биде организиран по словенечки терк – да има еден генерален директор, еден економски директор и двајца помошници директори (на интернистички служби и на хируршки служби).

За директор на Клиниката за ендокринологија можно решение е доктор Хасан Танер, а за директор на ГОБ „8 Септември“ се споменува името на доктор Синиша Стојаноски. Сепак, до петок ќе бидат кажани официјално имињата а засега има само шпекулации.

Таравари најави и дека секоја среда ќе биде отворен телефонски број на кој граѓаните ќе може да се јавуваат и да пријавуваат кај министерот за проблеми и неправилности во здравствениот систем.

Тој планира да го испраќа државниот здравствен и санитарен инспекторат во ненајавени контроли во приватните и државните болници за кои ќе прими поплаки. Проблемите во здравството Таравари ги знае, ама нема брзи решенија. Така на пример, Клиниката за онкологија останува без доволно вработен кадар, пациентите на радиологија чекаат со месеци да им се прочита резултатот.

Министерот најави решение за приватните специјализанти кои последниве месеци со протести бараа достоинствени услови, односно да добијат вработување и здравствено осигурување. Таравари вели дека наскоро ќе ги викне на разговор, за тие да добијат договори за вработување и тоа на позиции каде има дефицит на кадри.

Но, наскоро ќе се стави мораториум на приватните специјализации за оние области каде се намножил многу персонал – пластична хирургија на пример. Таравари смета дека Македонија има пластични хирурзи за наредните 3 години, а недостасуваат радиолози, педијатри и патолози, па за тие области ќе се бара државна стратегија да се мотивираат докторите да се насочат кон такви специјализации.

Треба да направиме стратегија со која одредени специјализации ќе бидат во мирување а другите ќе бидат фаворизирани, анестезиологија, радиологија, патологија, педијатрија, кои недостасуваат во државата, рече тој.

Проблемот со Клиниката за онкологија каде што има премногу пациенти а премалку кадар, ќе се решава со тоа што ќе се прават обиди амбулантските прегледи да се одвиваат во болниците во внатрешноста каде што тоа е можно, а пациентите да не доаѓаат до Скопје, рече Таравари.

Министерот најави дека позитивната листа на лекови, која е најавувана веќе една година ќе доживее ажурирање за 2 недели, и само се чекало да се назначи нов директор на ФЗОМ.

Од стручната комисија за позитивна листа на лекови до Фондот за здравствено осигурување  веќе е доставен предлог за утврдување нови лекови на примарната листа на лекови. Станува збор за девет генерички лека што се во употреба и присутни во промет подолг временски период, а се наменети во третманот на хипертензија, срцева слабост, превенција на атеротромбоза, Алцхајмерова болест, депресија и анксиозни растројства.

Предлогот содржи и нутриенс, наменет за туморска кахексија, кој веќе се наоѓа на болничката листа на лекови, за кој е побарано од компанијата негово префрлање на примарната листа. Согласно постапката уредена со правилникот за позитивна листа, конечната одлука, во зависност од расположливите средства наменети за лекови, ја носи управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување, велат од Министерството за здравство за „Слободен печат“.

Станува збор за позитивна листа на лекови што не е ажурирана 15 години. Таравари смета дека секоја година треба да се обновува позитивната листа.

-Ќе имаме и нов Закон за лекови со кој ќе обезбедиме квалитетни лекови во државата но и ќе побараме рационално користење и препишување на лековите за да има лекови секаде, но и да бидеме внимателни да нема злоупотреба на лековите.

Не би сакал да верувам дека има повеќе „онкологии“ во земјава, така што ќе треба да работиме на полето на дигитализација на здравството и да се ставаат кодови на лековите и во еден компјутерски систем да бидат и приватните и државните здравствени установи, рече Таравари.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот