Здравa есен: Што можете да направите за душата и телото во овој период од годината?

Фото: Pexels

Настинки, инфекции, грип, депресија или лошо расположение се вообичаени во овој период од годината. Есента, сепак, не мора да биде „резервирана“ за некои болести. Со малку грижа за менталното и физичкото здравје, кивавицата може да престане или да исчезне за три дена, пишува „Е-клиника“.

Промената на годишните времиња, малку постуденото време и подолгите ноќи можат лесно да влијаат на здравјето на чувствителните луѓе.

Зошто се чувствуваме депресивно во есен?

„Кога нема доволно дневна светлина, не е невообичаено да се чувствувате депресивно или летаргично“, вели потпретседателот за клинички прашања за семејна медицина на Универзитетот во Охајо, д-р Рандел Векслер.

„Замислете куче што оди да спие кога сонцето заоѓа во 5 часот попладне во зима. Истото куче спие во лето во 10 навечер“, објаснува д-р Векслер.

Луѓето реагираат слично, со тоа што немаат можност да спијат во 5 часот попладне, па затоа многумина се соочуваат со летаргија, депресија и тага во зима.

Сезонска депресија

Некои ќе почувствуваат мала потиштеност, а мал дел ќе се соочат и со сезонско афективно растројство или сезонска депресија. Промената на времето го нарушува биоритамот на околу 10 до 20 отсто од луѓето. Помал дел од овие луѓе покажуваат облик на депресија, потпомогнат од промената на годишните времиња.

Освен ментално, на удар е и физичкото здравје. Студените денови се поклопуваат со редовната појава на сезонскиот грип или настинки.

„Причината поради која се разболуваме побрзо и полесно во есен или зима е фактот што во овој период од годината сме повеќе изложени на вируси, а болестите полесно и побрзо се пренесуваат кога повеќе време поминуваме во затворени простории“, вели д-р Векслер.

Недостаток на енергија или депресија?

Се случува поради сезонска депресија на некои луѓе дополнително да им слабее имунитетот. Во такви услови лесно се јавуваат болести. Експертите велат дека е вообичаено да се чувствувате депресивно со преминот од топли и сончеви денови во студени и темни денови, но голем број луѓе, сепак, не успеваат целосно да го надминат „есенскиот блуз“ и со тоа настанува сезонска депресија. Меѓутоа, секој недостаток на енергија во овој период од годината не е ист како сезонската депресија.

Луѓето кои страдаат од сезонска депресија почнуваат да чувствуваат симптоми на есен, симптомите продолжуваат во текот на зимата, додека не се појават првите топли денови. Безнадежност, проблеми со концентрацијата , губење на интерес за активности во кои обично се ужива, промени во апетитот и проблеми со спиењето се најчестите симптоми. Ако страдате од оваа состојба, консултирајте се со психотерапевт или психијатар. Состојбата може да се реши без употреба на лекови со различни психолошки терапии. Ако сте само малку подепресивни од вообичаено, обидете се да „впиете“ што повеќе сонце.

Сонцето и депресијата

Мозокот создава помалку серотонин без сончева светлина и тоа може да предизвика депресија. Од друга страна, недостатокот на сончева светлина го зголемува мелатонинот што нè прави поспани.

Експертите предлагаат пешачење помеѓу пладне и 14 часот кога сонцето е во својот зенит. Ако ја немате таа опција или е премногу студено, поместете ги завесите од прозорците и оставете светлината да влезе во вашиот простор. Понекогаш и тоа може да биде тешко изводливо, па доколку нема доволно сонце – пробајте со светлосна терапија, советуваат експертите.

Физичката активност е секогаш корисна. Околу 30 минути пешачење или вежбање се добри за телото, но и за мозокот, бидејќи може да го подигне нивото на „хормонот на среќата“ – серотонин. Добрата храна е секогаш лек, па затоа се препорачува да се зголеми внесот на фолна киселина, омега-3 масни киселини, витамин Д, за добро расположение. Во исто време, употребата на шеќер треба да биде ограничена и намалена.

Зимски алергии

Пролетта и летото се сезони на алергии, но има и многу внатрешни алергени кои можат да предизвикаат зимски алергии. Кивање, насолзени очи и течење на носот може да се појават како реакција на домашни миленици, измет од лебарки и мувла.

Сувиот воздух се јавува поради греењето, како резултат на што симптомите на алергија може да се влошат. Се препорачува употреба на навлажнувачи на просторијата, редовно чистење со правосмукалка, бришење прашина и често капење на домашните миленици.

Бидете активни

Премногу е студено и желбата за физичка активност е намалена. Експертите велат дека токму поради тоа на телото му е потребна дополнителна физичка активност, која може да го зајакне и имунолошкиот систем. Ако мислите дека тренирањето на отворено во зима не е за вас, вежбајте во некоја од вежбалните. Понекогаш присуството на други луѓе може да биде мотивирачки фактор.

Запомнете дека и најмалата активност е важна. Не мора нужно да кревате тегови или да правите напорни вежби. Јогата или едноставната прошетка може да го поттикнат метаболизмот и телесната активност. Оние кои сакаат да согорат дополнителни калории, доколку е можно, можат да одат на скијање, лизгање на мраз или џогирање на отворено, ако не е премногу студено.

Зимска храна

Зимските месеци се одлична можност да јадете цвекло, портокали и мандарини. Коренастиот зеленчук е богат со калиум, додека цитрусното овошје има влакна и витамин Ц кои го зајакнуваат имунитетот.

Коренестиот зеленчук може да се додаде во супи или чорби. Бирајте храна богата со витамин Д. Овој витамин му помага на телото да го апсорбира калциумот и ги зајакнува функциите на мозокот и имунитетот. Лососот, туната, скушата и збогатеното млеко и житарките се најдобри извори на витамин Д.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот