Заживување на Полошкиот регион со музика на Лешочкиот фестивал

Програма на 4. Лешочки камерен музички фестивал

Лешочкиот камерен музички фестивал оваа година ќе се одржи по четврти пат во Духовно-културниот центар „Кирил Пејчиновиќ“ во село Лешок на 30 септември и на 2 октомври. Во овие две фестивалски вечери ќе има по два концерта.

И годинава Министерството за култура финансиски го поддржа одржувањето на фестивалот, а комисијата за музичко-сценска дејност, по успешното одржување на фестивалот минатата година, овозможи овој настан и во иднина да биде едно од културните обележја на овој регион.

– Целта на фестивалот е приближување на различните култури преку универзалниот јазик на музиката, како и промовирање на истакнати и млади музички уметници од Полошкиот регион, со едно гостување од странство. Воедно, овој фестивал претставува и промоција на овој регион, во кој настаните од ваков вид се во многу мал број. Идејата за фестивал на необично и егзотично место тлееше во нас веќе подолг период, и многу сме среќни што во 2021 година успеавме за првпат да го реализираме. Инаку, одржувањето на вакви фестивали на необични, атрактивни локации се од особено културно значење за една земја и се веќе долги години во тренд во сите поразвиени европски земји. Од нашето долгогодишно искуство како концертни уметници кои настапуваат во странство, забележавме дека сите фестивали се организираат на необични, планински, егзотични места кои се од особено културно значење за регионот, како Вербиер во Швајцарија, и многу други фестивали во Италија, Франција, Германија и Скандинавските земји – објасни Маја Шутевска-Кировска.

Покрај заживувањето на концертниот живот во Полошкиот регион, мото на фестивалот е „Зближување преку уметноста – приближување на различни култури преку универзалниот јазик на музиката“, посебно на двете најголеми етнички заедници во овој регион – македонската и албанската.

Идејата ја поддржа диригентот проф. Ивица Зориќ, на чија иницијатива е направена убава концертна сала во Лешок со клавирот на нашиот доајен Тодор Скаловски-Тетоец.

– На свеченото отворање на 30 септември на првиот концерт во 18 часот ќе настапат дуото гитари „Милонга“ во состав Дејан Лазаревски (гитара) и Александра Кировска (гитара), а на вториот концерт од 19 часот ќе настапат Дајана Малорари Пајазити (сопран) и Едита Руси (пијано). Дајана и Едита живеат во Тетово, а Дајана работи во музичкото училиште во Тетово. Тоа е идејата на фестивалот, да настапуваат уметници од Полошкиот регион. На втората фестивалска вечер првиот концерт во 18 часот е резервиран за младите музички уметници Никола Соколовски (кларинет), кој ќе настапи во пијано придружба на Билјана Петровска, а како камерен гостин на коцертот ќе настапи Филип Трајковски (хармоника). На вториот концерт ќе настапат гостите од Турската Република Северен Кипар – Руја Танер (пијано) и Куршат Башар (саксофон) со нивниот проект „Од регионално кон глобално“ – посочи Маја Шутевска-Кировска.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 249, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 28-29.09.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот