Замина Бесија Иљази, а со неа и 18-те „договорци“ на „диво“ од Токсикологија – сега влегува финансиска полиција, а директорот Чибишев ветува крај на „каубојските“ вработувања

Бесија Иљази / Фото: ''Слободен печат'' / Драган Митрески

Новиот директор на Клиниката за токсикологија, професор доктор Андон Чибишев, вчера им соопштил на 18-те ангажирани со договор на дело од болницата кои со месеци незаконски одеа на работа повеќе да не доаѓаат, со исклучок на биологот, бидејќи е потребен за опстојување на токсиколошката лабораторија.

Бесија Иљази, разрешената економска директорка на Клиниката за токсикологија која на работа доаѓаше со преведувач, инсистираше овие 18 лица да доаѓаат на работа, а потпишувала и да добиваат плата, за што заработи кривична пријава бидејќи од буџетот на Клиниката се одлеале 650 илјади денари.

Професор доктор Андон Чибишев, директор на Клиника за токсикологија / Фото Слободен печат, Слободан Ѓуриќ

На овие 18 лица, договорите им истекоа на крајот на 2023 година, но со месеци на работа доаѓале на диво, односно без никаква формално-правна основа. Професор доктор Чибишев денеска на прес-конференција рече дека за нив немало никакво одобрение од Министерството за финансии да работат, и покрај тоа што таква лажна информација беше пласирана. 

Додека престојувале на Клиниката како да се гости, исплатена им била една и пол плата, со што Клиниката за токсикологија е оштетена за 650 илјади денари. Меѓу нив е и болничарот што на камера призна дека барал урина со наркотици да се промени со чиста урина и да се фалсификува токсиколошки резултат, но бил одбиен за услугата.

Доктор Чибишев пред новинарите денеска информираше дека наредниов месец финансиска полиција ќе влезе на Клиниката, а за 650 илјади денари оштетен буџет за незаконски вработувања веќе е спремена кривична пријава до Обвинителството.

Чибишев истакна дека Министерството за финансии не им дало никаква согласност на 18-те „договорци“ да добијат решение во предизборието, а Антикорупциска нивните вработувања ги оспорува, исто како и Државниот здравствен и санитарен инспекторат.

– И покрај тоа, овие лица работеа, беа изманипулирани и практично незаконски престојуваа на Клиниката. Уште потрагично, добивале плата, исплатени им се една и пол плати и буџетот на Клиниката е оштетен за 650 илјади денари, што не е мала сума за нашата институција. Овој случај го документирав и ќе го процесуирам кај надлежните институции – најави професор доктор Чибишев.

Клиника за токсикологија, прес-конференција / Фото „Слободен печат“ – Слободан Ѓуриќ

Директорот забележува дека Клиниката од високо респектабилна установа е доведена до ниво на организациски и кадровски колапс а кадарот е најголемиот проблем и потребни се барем 15 нови вработувања. Вработувањата се потребни за лекари, сестри, болничари, и тоа што побрзо за да се „преживее“ летото. Новиот министер за здравство Арбен Таравари денеска ќе добие барање за согласност да се распише конкурс за потребните вработувања на Токсикологија.

-На овие 18 лица им се заблагодарив и им реков да не доаѓаат на работа. Но, нови вработени ни се потребни, што не значи дека ќе бидат овие што си заминаа.

Со новиот министер за здравство се договоривме да го решиме овој проблем.Кога ќе добиеме согласност од Министерството за здравство ќе распишеме конкурс.

Нема веќе да има каубојски вработувања, ќе се вработуваат луѓе со критериуми. Ние ќе процениме кои се најпогодни за функционирањето на Клиниката, додаде директорот.

Клиника за токсикологија / Фото „Слободен печат“ Слободан Ѓуриќ

Чибишев дал налог да се проверат сите изминати седум години директорување на неговите претходници, а особено да се испитува како се склучувани јавните набавки. Тој истакна дека ќе почне да директорува без реваншизам кон неистомислениците, но и со „чисти сметки“.

Во Клиниката ќе се работи на подобрување на условите за работа, набавка на нова современа медицинска опрема и ажурирање на протоколите за лекување и обука на медицинскиот кадар.

„Порано бевме препознатливи по протоколи за лекување зависност од опојни дроги, детоксикација, алколол, но тие протоколи беа запоставени. Ќе ги обновиме протоколите и ќе вложиме труд да проработи Токсиколошкиот-информативен центар“, порача новиот директор доктор Чибишев.

При крај е тендерот за осигурување на Клиниката, кој разрешената економска директорка на Токсикологија, Бесија Иљази, го блокираше.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот