Законот за унгарскиот заем стигна во Собранието: Трошоците за правни услуги се 70.000 евра, каматата е 3,25 проценти

Фото: Пекселс/karolina-grabowska

Премиерот Мицкоски вели дека правните услуги се 10 пати помали од она што се плаќало порано, лидерот на СДСМ Филипче вели дека како никогаш досега, банката што ги дава парите си избира фирма за правна заштита

Предлог-законот за задолжување на Република Северна Македонија кај Унгарската експорт-импорт банка за износ од 500 милиони евра стигна во Собранието, а Владата бара овој акт да се носи по скратена постапка. Според текстот на договорот, Македонија ќе мора да плати провизија за правни услуги на независна фирма, избрана од Унгарската банка. Оваа провизија ќе се исплати пред повлекување на првата транша од заемот, а правната фирма ќе биде избрана од унгарската страна, што предизвика загриженост околу можна корупција.

– Трошоците за правните услуги изнесуваат 70 илјади евра, тоа е нормална процедура и тоа е 10 пати помалку од тоа што сме го плаќале претходно за заеми – одговори премиерот Христијан Мицкоски на новинарско прашање за провизијата.

Премиерот потенцираше дека сè она што е кажано за заемот и условите под кои ќе се земе, е содржано во законското решение.

– Од законот можете да видите дека сето тоа што го кажавме е содржано во законот – 3,25 проценти каматна стапка, три години грејс-период, 12 години рок на отплата. Ова е развоен закон – половина од парите ќе одат кај бизнисот, половина за проекти за општините, така што тоа што го ветивме, тоа и го исполнуваме – рече Мицкоски.

Лидерот на СДСМ Венко Филипче смета Законот за кредитот од Унгарија се носи по скратена постапка за да нема доволно време за дискусија, ниту за анализа од експертите.

– Зошто на шверцерски начин се обидуваат да го протнат во Собранието? За жал, констатираме и дека од авион се гледа корупција во овој закон. Имено, како никогаш досега, една фирма што ќе биде одговорна за провизиите, ја назначува унгарската банка што ги дава парите. Тоа никогаш не било случај во нашата земја – секогаш кога имало меѓународна куќа, таа била позната и ја обезбедувала државата, со цел да се заштити. Сега некој друг ни кажува кои адвокати и која фирма ќе ги земе тие провизии – рече Филипче при промоцијата на воведувањето електричен градски превоз во Струмица и во приградските средини.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот