Законот за слобода на вероисповест ја бранува политичката сцена во Црна Гора

Фото: Профимедиа

Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ и порача на дел од опозицијата која тврди дека попрво ќе се запали во Парламентот отколку да дозволи усвојување на Законот за слобода на вероисповест, да не се залетува.

Ѓукановиќ изјави дека неволно одговара на логиката на сила и оти за сите прашања, па и за оние кои има драстични разлики, можно е толерантно да се разговара.

– Но кога ќе ве доведат во ситуација да морате да одговорите на нивните аргументи, тогаш сакам да кажам дека се лаже секој оној кој мисли дека поединечно или како институција може да победи која било држава, вклучувајќи ја и државата Црна Гора, изјави Ѓукановиќ во интервју за РТЦГ.

Црногорскиот претседател вели дека имало многу такви обиди во минатото.

– Најсвежи ни се сеќавањата од 2015 и 2016 година. Видовте како тоа заврши и видовте како им ги искршија забите на оние кои мислеа дека уриваат држава. Кој и да ни се заканува со својата подготвеност да се запали, жртвува…ќе добие јасен одговор дека нè има многу повеќе на оваа страна, кои сè во животот сме дале за да исправиме една историска неправда и да ја обновиме црногорската држава, истакна Ѓукановиќ.

Владата на Црна Гора го усвои Предлог законот за слобода на вероисповест кој подразбира дека сите верски заедници мора да докажат дека пред 1918 година биле сопственици на црковен имот, инаку ќе им биде одземен.

Според новиот закон државен имот кои се користи од страна на „верските заедници“ ќе се третира како културно наследство, а се однесува на верски објекти и земјиште набавено преку јавни приходи кои биле во државен посед пред 1918 година. Според властите во Црна Гора законот нема да се однесува на објекти или земјиште за кое „постои доказ за сопственост“.

На овој Законот остро се спротивстави Српската Православна Црква. Како најстара и единствена религиозна организација која поседува државен имот, СПЦ смета дека законот е дискриминаторски, насочен против нејзиниот имот, како и дека истиот ќе биде употребен за да се одзема имотот на СПЦ во Црна Гора, и покрај нејзината осумвековна канонска јурисдикција на просторот на денешната држава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот