За Советот на Европа нема дилеми: Асанж бил политички затвореник

Фото: „Слободен печат“, Жана П. Божиновска

Од македонската парламентарна делегација за Резолуцијата гласаше Бисера Костадиновска Стојчевска пратеничка од СДСМ, додека Марија Петрушевска од ВМРО-ДПМНЕ и Беким Ќоку од Вреди пред гласањето излегоа од салата

Во полупразна сала со 122 присутни парламентарци, Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) денеска ја усвои Резолуцијата за Џулијан Асанж, со која се потврдува дека тој бил политички затвореник во петте години што ги помина во затворот Белмарш во близина Лондон. Со резолуцијата, исто така, се бара од САД измена на Законот за шпионажа.

Во пленарната сала во Советот на Европа за време на дебатата беше присутен и Асанж со неговиот тим, вклучувајќи ги и сопругата и главниот и одговорен уредник на Викиликс, но не му беше дозволено да се обрати пред пратениците.

Фото: „Слободен печат“, Жана П. Божиновска

Според неофицијалните информации во Советот на Европа, вистински успех е и самото негово појавување пред Комитетот за правни прашања и човекови права, бидејќи дел од делегациите биле под некаков притисок да не се согласат, можеби поради стратешко партнерство со САД или од други причини. Сепак, за многумина беше изненадувачки малиот број од само 17 парламентарци пријавени за збор.

Од вкупно 306 членови на ПССЕ во салата беа присутни 122. Од нив 88 членови беа „за“, 13 против, а 20 не гласаа. Од македонската парламентарна делегација за Резолуцијата гласаше Бисера Костадиновска Стојчевска, пратеничка од СДСМ, додека Марија Петрушевска од ВМРО-ДПМНЕ и Беким Ќоку од Вреди пред гласањето излегоа од салата.

Во Резолуцијата изготвена врз основа на извештајот на пратеничката од Исланд, Порхилдур Евасдотир, ПССЕ потсетува на значењето на слободата на медиумите, чија улога на „јавен чувар“ гарантира правилно функционирање на демократските држави во кои има владеење на правото. Оваа улога, како што се истакнува, е особено важна во светлина на актуелните оружени судири и „сѐ почестата транснационална репресија“.

Во врска со тоа, „посебно внимание заслужува грубото постапување кон Џулијан Асанж кој во јуни беше пуштен од затворот во Белмарш по повеќе од една деценија политички мотивирано гонење за неговата новинарска работа“, се истакнува во Резолуцијата.

Според пратениците што се обратија на дебатата, извештајот е одличен, со посебна напомена дека „после Асанж ништо не е исто“.

Фото: „Слободен печат“, Жана П. Божиновска

– Случајот со Асанж е повик за будење за иднината – беше кажано во дебатата.

За некои од говорниците нефер третманот на Асанж е пречка за човековите права и за слободата на медиумите, а откривањето на вистината не треба да се осудува.

– Новинарите не треба да бидат судени за својата работа, а наша работа како парламентарци е да ја браниме слободата на медиумите – порачаа дел од говорниците на дебатата.

– Асанж и Викиликс стекнаа меѓународна слава по објавувањето на видеоснимката „Колатерално убиство“ во 2010 година, на која се прикажува убивање цивили, вклучувајќи и новинари од страна на американските сили во Ирак. Во наредните месеци Викиликс објави десетици други доверливи американски документи, кои исто така вклучуваат веродостојни докази за воени злосторства, кршење на човековите права и недолично однесување на американската влада – пишува, меѓу другото, во извештајот на ПССЕ.

Набрзо по првото објавување доверливи документи, Асанж стана потенцијален осомничен во кривична истрага што беше поведена против него во Шведска под обвинение за сексуално злоставување.

По протерувањето од амбасадата на Еквадор, тој беше уапсен и задржан во притвор во строго чуваниот затвор Белмарш кај Лондон. Од Белмарш беше пуштен на 24 јуни годинава по договорот што го постигна со американското Министерство за правда по пет години и два месеца затвор. На 26 јуни се појави на американскиот сојузен суд на Сајпан и се изјасни за виновен само по една точка од обвинението, односно за нелегално соучество во прибавување документи, списи и белешки во врска со националната одбрана од лице што ги поседувало, законски или незаконски и ги објави, што претставува кршење на Законот за шпионажа на САД. Осуден е на затворска казна што веќе ја отслужил и дозволено му е да се врати во Австралија.

На сослушувањето во Советот на Европа вчера Асанж рече: „Бев политички затвореник и ја избрав слободата пред правдата“.

Џулијан Асанж беше сослушан во Советот на Европа: Бев политички затвореник и избрав слобода наместо правда

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот