За проблемот со змиите нема надлежна служба, ЦУК најде поединци кои можат да ги заловат и пуштат во природа

Змии во скопски Аеродром/Фото: Фејсбук

Центарот за управување со кризи иако не надлежен за решавање на проблемот со појавата на змии во градските средини, реагирајќи по поплаки на граѓаните на бројот 112 свика координативен состанок за справување со проблемот со влекачи.

-Во недостаток на институција која себеси ќе се прогласи за надлежна, а јас верувам дека треба да има таква ние им излеговме во пресрет на граѓаните затоа што граѓаните коишто ќе се соочат со змии, тоа го пријавуваат на бројот 112, но јас ги замолувам да знаат дека ние не сме институција којашто заловува или убива змии. Ние сме коориднативен центар којшто ги наоѓа надлежните институции. Тогаш кога не можевме да најдеме ниту една надлежна институција, а искомунициравме со сите, вклучително и со Зоолошката градина, затоа што оваа материја кај нас не е уредена, ние најдовме неколку приватни лица коишто заловувањето на змии го прават приватно, притоа и тоа го прават бесплатно, освен ако се работи за поголемо растојание па земаат некоја симболична сума за надомест на трошоци, изјави директорот на ЦУК Стојанче Ангелов во емисијата „Слободен печат“.

Тој се осврна и на нападите по тој повод, дека на граѓани кои побарале помош за заловување на змиите, имале и некој помал трошок.

– Имаше на социјалните мрежи николку напади кон нас дека сме нудел услуга за пари на граѓаните и сега ние имаме два избора, едниот избор е на граѓаните да им кажеме жалиме, не постои институција, не можеме да ви помогнеме, а вториот е имате луѓе коишто тоа ќе го направат бесплатно, но ако живеете подалеку ќе ве чини можеби 400 или 500 денари, по кажување на луѓето коишто ги заловуваат змиите, добри и храбри луѓе, хумани луѓе коишто ги ловат змиите и потоа ги пуштаат во природа. И ние вакви случаи на заловување имаме пред се во урбани средини, претежно во градинки, школи, приватни домови, кога луѓето се вознемирени, изјави Ангелов.

Убивањето на змиите не е опција, вели тој, зошто се корисни во еко системот, иако повеќето граѓани се плашат од блиската средба со влекачите кои најчесто не се отровни.

– Обично кога некој ќе види змија во својот двор, земаат стап или камен да ја убијат. Тоа е традиционално. Но во урбаните средини луѓето или не можат тоа да го направат или не знаат, но јас не повикувам да се убиваат. Змиите се корисни, не гледам штета од нив. Последните 4-5 години, а можеби и подолго ние немаме смртен случај од каснување на змии. Каснувањата се ретки и вообичаено се случуваат ако некој згази или  седне врз неа, додава Ангелов.

Во однос на пожарите кои најчесто се поради невнимание на земјоделци, сточари па и скараџии, Ангелов го повика Министерството за внатрешни работи поактивно да се вклучи и со превентивни и со репресивни мерки за спречување на потпалувачите. Минатата година од 3.400 пожари на отворено, МВР поднело само 15 пријави, па откривачката дејност, според директорот на ЦУК е на многу ниско ниво. Тој ги повика и граѓаните да се вклучат во пријавувањето на потпалувачите, кои свесно или несвесно можат да предизвикаат пожар и со тоа огромни штети врз животната средина.

– Јас сум благодарен и до граѓаните затоа што се внимателни и истовремено апелирам до нив да го пријават секој пожар, дали ќе забележат чад или некаде пламен на бројот 112, но и да не се стегаат и да не се чувствуваат непријатно и да ги пријават и потпалувачите доколку ги виделе. Ако некој прави во борова шума скара затоа што има убава и ладна сенка, а опкружен е со оние исушени иглички од бор врз кои едно обично жарче може да предизвика катастрофа, притоа некој да загине, таквите луѓе треба да бидат пријавени. Бидејќи вториот наш избор е да забраниме движење на луѓе во природа. Јас веќе спречив минатата недела. Зборував со директорот на Национални шуми којшто сакаше да покрене иницијатива за забрана на движење во шуми. Јас сум противник на оваа мерка. Луѓето коишто одат во планина, луѓето коишто одат на Водно, не се предизвикувачи на пожари, тие се напротив, нашите очи и уши коишто ни јавуваат доколку има пожар. Сосема други се причинителите. Истовремено ги лишуваме граѓаните особено во жешките месеци да се движат по нашите преубави планини, а притоа имаме и голем број на туристи, дециден е Ангелов.

Целото интервју со Стојанче Ангелов, директор на ЦУК погледнете го во продолжение:

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот