За Ковачевски во Владата работеле над 110 лица со плати од 1.200 до 2.000 евра месечно

Димитар Ковачевски/Слободен Печат/фото Слободан Ѓуриќ

Покрај 29 административни службеници, редовно вработени во Канцеларијата на претседателот на Владата, тогашниот претседател на Владата дополнително ангажирал (именувал) уште 68 лица, од кои тројца биле секретари, еден помошник секретар, 11 советници, 18 соработници и 35 надворешни советници. Значи, вкупно 97 лица кои работеле во Канцеларијата на претседателот на Владата.

Експремиерот Димитар Ковачевски имал ангажирано над 110 лица кои работеле за него во периодот додека бил на функција, дознава „Слободен печат“. Околу 50 од нив ја носеле титулата советник. Најголем дел од именуваните лица биле ангажирани во областа на комуникациите, односи со јавноста и протоколот на претседателот на Владата. Платите биле многу над државниот просек и се движеле од 72.000 до 120.000 денари месечно. Тоа значи дека само за овие лица месечно биле одвојувани околу 250.000 евра за плати. Овде не се пресметани давачките за пензиско и здравствено осигурување кои доколку се вработени влегуваат во бруто платата. Од Владата ја потврдуваат оваа информација и велат дека уште првиот работен ден во Канцеларијата на претседателот на Владата затекнале изненадувачка состојба.

Покрај 29 административни службеници, редовно вработени во Канцеларијата на претседателот на Владата, тогашниот претседател на Владата дополнително ангажирал (именувал) уште 68 лица, од кои тројца биле секретари, еден помошник секретар, 11 советници, 18 соработници и 35 надворешни советници. Значи, вкупно 97 лица кои работеле во Канцеларијата на претседателот на Владата.

Дополнително, преку службите при Генералниот секретаријат на Владата, за потребите на претседателот на Владата биле ангажирани уште најмалку десетина лица преку авторски договори. Точната бројка на ангажирани лица преку авторски договори сè уште не е комплетна, затоа што во тек се анализите во Секторот за човечки ресурси и Секторот за финансии, велат од Влада.

На прашањето на „Слободен печат“ дали е точна информацијата дека Димитар Ковачевски имал 147 лица кои биле задолжени за советување, одговараат дека досега утврдиле ангажирање на 110 вработени лица од кои најмалку 50-тина лица биле советници, но потенцираат дека листата не е комплетна.

– Најголем дел од именуваните лица биле ангажирани во областа на комуникациите, односи со јавноста и протоколот на претседателот на Владата. Воедно, дел од именуваните лица покривале и други области како право, економија, труд и социјала, надворешни односи итн. Но, голем дел од овие лица и покрај функцијата именуван советник за одредена област од страна на претседателот на Владата, веројатно ниту биле работно ангажирани, ниту пак советувале нешто. Факт е дека при нашето доаѓање, примопредавање, како и при проверка на затекнатите состојби во предметните проблематики, увидовме голем број несработени предмети од најразлични области, заклучени канцеларии во кои евидентно беше дека долг период биле чувани под клуч и никој не стапнал внатре, како и советници кои не оставиле никаква писмена трага за нешто реално сработено – велат извори од Владата.

За платите објаснуваат дека направиле проверка и според неа, именуваните советниците од поранешниот претседател на Влада, во просек земале основна месечна нето-плата од 80.000 денари, односно истата се движела од 72.000 денари до 120.000 денари.

– Именуваните секретари на претседателот на Владата земале мсечна нето-плата од околу 120.000,00 денари, а именуваните соработници во просек 69.000 денари. Во наведените износи не е вкалкулиран и работниот стаж на вработените, што би значело дека истите износи се и поголеми – додаваат оттаму.

Од службите на Владата не ја исклучуваат можноста дека ангажираните лица земале и дополнителен хонорар како месечен бонус надвор од платата.

– Анализите сè уште траат, па не би можеле да дадеме конкретен одговор по однос на ова прашање, но не се исклучува можноста дека дел од овие лица земале и дополнителни парични надоместоци – велат нашите извори.

Според неофицијални информации ова е највисока бројка на соработници на некој македонски премиер досега. Никола Груевски имал ангажирано 91 советник, а Зоран Заев 55.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот