За Гаши пензионирањето на Кацарска не е тема 

Фото-колаж: Слободен печат

Претседателот на Собранието Африм Гаши за „Слободен печат“ потврди дека пред пратениците нема да се најде разрешувањето на Кацарска од функцијата уставен судија, но без дополнителна информација.

Собранието нема да расправа за дописот од Судскиот совет (СС) дека на уставната судијка Добрила Кацарска ѝ престанал судискиот статус поради пензионирање.
Претседателот на Собранието Африм Гаши за „Слободен печат“ потврди дека пред пратениците нема да се најде разрешувањето на Кацарска од функцијата уставен судија, но без дополнителна информација.
На Кацарска како уставен судија, мандатот ѝ е регулиран со Уставот, но Судскиот совет пред два дена го информирал Собранието, кое ги избира уставните судии, дека на судијката ѝ престанал судискиот статус.

Добрила Кацарска – претседателка на уставен суд / Фото: „Слободен печат“/ Драган Митрески

Неофицијално, дописот кој Судскиот совет го пратил до претседателот на Собранието, Гаши не го препратил до пратениците, ниту, пак, за консултација ги свикал координаторите на пратеничките групи.
Од Судскиот совет вчера информираа дека не бараат разрешување на Кацарска, бидејќи тоа не е во нивна надлежност, туку дека до Собранието испратиле само официјално известување „за запознавање и евентуално натамошно постапување“ од страна на надлежниот орган.

Според Уставот, функцијата на уставен судија престанува во три случаи: ако сам си поднесе оставка, а може да биде разрешен, потоа ако биде осуден за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци, или кога трајно ќе ја загуби способноста да ја врши својата функција.

Уставот наведува дека надлежен за утврдување на овие околности е самиот Уставен суд, а не Собранието, па останува дилемата зошто Судскиот совет воопшто испратил допис до Собранието.

Цаца-Николовска: Треба да се прави разлика помеѓу уставен судија и член на Судски совет

Поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права Маргарита Цаца-Николовска за „Слободен печат“ вели дека треба да се прави разлика помеѓу судија на Уставен суд и член на Судски совет, бидејќи впечаток е дека се прави паралела помеѓу тие две функции.

– Тоа се две категории што се различни. Во Уставот е дадено во кои услови може да се преземат одредени дејства спрема судија на Уставен суд, како за пензионирање, така и за разрешување. Точно е тоа дека Судскиот совет имал некаква практика во оваа насока и, колку што можев да видам од медиумите бидејќи не сум го прочитала дописот, дописот е во насока дека Судскиот совет само известува, бидејќи тие немаат никаква надлежност врз судиите на Уставниот суд. Нивната надлежност се протега на редовните судии. Ја поздравувам изјавата на претседателот на Уставниот суд дека во суштина станува збор за две различни ситуации. Како понатаму тоа ќе се одвива е друга работа, дали со исполнување на условите за пензија треба да ја напушти и позицијата на уставен судија доколку се исполнети условите за пензионирање, а не се исполнети условите за истек на мандатот. Многу е важно за независно и непристрасно судство во секој сегмент да се имаат овие елементи предвид и да не се прави таква грешка што може да се толкува како реваншизам или да се толкува како нешто што не е во согласност со Уставот – вели Цаца-Николовска.

Маргарита Цаца Николовска – судија / Фото: Слободен печат – Драган Митрески

Таа вели дека се знае која е надлежноста на Собранието. Според неа, ако Собранието има надлежност да ги разрешува судиите што се за пензионирање без истек на нивниот мандат, треба да се имаат предвид и уставните одредби што имаат друг пристап. Николовска смета дека во ситуација кога има различни, конфликтни или неусогласени толкувања на закон, Уставниот суд е тој што ќе донесе таква одлука.

– Со оглед на тоа дека станува збор за судија на Уставен суд, може да има коментари дека не може Уставниот суд да одлучува, со оглед на состојбата дека судија на Уставен суд е тој за кој треба да се одлучува. Но, има инструменти и доколку постои такво однесување – да треба да одлучува Уставниот суд за конфликтните односи „закон и Устав“, значи за оцена на уставност и за оцена на законитост, постои можност сите други судии да учествуваат, а Добрила Кацарска да не биде во Советот кој постапува по тој предмет – вели Цаца-Николовска.

Таа истакнува дека исклучиво треба да се следи тоа што вели Уставот, прво поради тоа што станува збор за уставен судија, и второ – поради тоа што самиот Устав одредува во кои ситуации може да се донесе одлука за разрешување заради одење во пензија. Цаца-Николовска не исклучува дека во целата ситуација може да има реваншизам.

– Ние сме навикнати на такви реваншизми коишто, за жал, не се санкционираат и никогаш не е дојдено до ситуација тој што го прави реваншизмот, да одговара за такво нешто. За да се избегне ваква ситуација, државите имаат одредби во Уставот или во законски решенија за да се избегне реваншизам, а тоа е стриктно одредување на годините кога судија на Уставен суд може да оди во пензија или да не ја извршува веќе функцијата. Примерот со Европскиот суд за човекови права е во насока дека оној момент кога лицето ќе наврши 70 години, му престанува секаква функција во Судот за човекови права. Исто е и во Уставниот суд на БиХ. Јас во моментот кога наполнив 70 години, ми престана функцијата како меѓународен судија во составот на Уставниот суд на БиХ, значи не се допира прашањето дали ќе се оди во пензија или не, се допира прашањето кога истекува мандатот на судии – вели Цаца-Николовска.

Фото: Принтскрин, МИА

Костадиновски се воздржува од коментар

Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски во гостување на МТВ рече дека од медиумите дознал дека постои таква иницијатива и дека како суд немаат известување за релевантноста и постоењето на таква иницијатива.

– Основите за престанок на мандат на уставен судија ги уредува Уставот во членот 111 став 4. Јас не знам, ја немам видено релевантно содржината на таа иницијатива, не знам дали и како Собранието би постапило и од таа причина би се воздржал од коментар за ова. Она што е важно, доколку е релевантно тоа што го видов во некои од медиумите, не може да се прави поистоветување на членство во Судски совет и членство во Уставен суд, но сепак во отсуство на официјални информации, морам да се воздржам од коментар, бидејќи знаете дека секој искажан збор обврзува и во овој момент нема да давам повеќе коментари – рече Костадиновски.

Кацарска беше избрана за уставна судијка во 2020 година, а во 2021 година беше избрана за претседателка на Уставниот суд. По завршувањето на тригодишниот мандат како претседател, на нејзино место беше избран Костадиновски.
Мандатот на уставен судија трае девет години, што значи Кацарска има уште 5,5 години мандат како уставна судијка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот