За да ја заштитиме модерната медицина, мора да се справиме со антимикробната отпорност – пред да биде предоцна

Ханс П. Клуге

Во текот на изминатите децении, многу бактерии еволуирале и развиле отпорност на антибиотици. Ова е природен процес што се јавува со текот на времето преку генетски промени во бактериите. Меѓутоа, процесот се забрзува од луѓето преку несоодветната употреба на лекови и неправилните дијагнози

Секој знае за пеницилин. Тој е еден од најшироко препишуваните лекови во светот. И тука лежи проблемот. Пеницилинот беше првиот антибиотик, откриен во 1928 година. Тој направи револуција во здравството. Пациентите веќе не умираат и не им се ампутираат екстремитетите поради помали бактериски инфекции. Милиони животи се спасени, а оттогаш се развиени десетици други антибиотски лекови.
Но, сега се наоѓаме на пресвртница. Овие „помали“ инфекции повторно стануваат опасни по живот. Многу инфекции стануваат потешки за лекување, додека медицинските процедури – како што се операцијата и хемотерапијата – станаа многу поризични.
Во текот на изминатите децении, многу бактерии еволуирале и развиле отпорност на антибиотици. Ова е природен процес што се јавува со текот на времето преку генетски промени во бактериите. Меѓутоа, процесот се забрзува од луѓето преку несоодветната употреба на лекови (на пример, кога ќе го прекинете лекувањето со антибиотици пред да го завршите пропишаниот период на лекување) и неправилните дијагнози (на пример, кога вашиот лекар ви препишува антибиотици за вирусна инфекција врз која антибиотиците немаат ефект).
Ова се нарекува антимикробна резистенција или отпорност (АМР) и е една од најголемите закани за јавното здравје во светот денес.
Медицинските откритија во изминатиот век се менуваат пред нашите очи, но оваа „тивка пандемија“ добива многу малку внимание вон областа на јавното здравје.
Веќе знаеме дека АМР е директно одговорна за над 1 милион смртни случаи годишно и индиректно поврзана со 5 милиони смртни случаи на глобално ниво. За да сфатиме подобро – здравствениот товар од отпорноста на антибиотици е споредлив со оној на грипот, туберкулозата и ХИВ/СИДА заедно.
Во Европскиот регион на СЗО, кој опфаќа 53 земји членки од Европа и Централна Азија, АМР е веќе директно одговорен за 133.000 смртни случаи секоја година и индиректно поврзана со 541.000 смртни случаи. Овие бројки само се зголемуваат. Со истово темпо, ако ништо не се промени, до 2050 година, над 10 милиони луѓе ќе умираат од АМР на глобално ниво секоја година.
И покрај тоа што кризата со АМР брзо се развива, знаеме што треба да направиме за да ја запреме. Минатата година, 53-те земји членки на СЗО/Европа се согласија за Патоказот за АМР 2023-2030, кој дава приоритет на активностите во регионот. Нашиот патоказ нуди достапни докази и ефективни алатки за справување со АМР.
Прво, треба да го намалиме бројот на инфекции што се лекуваат со антибиотици.
Ова значи спречување на инфекциите преку соодветни мерки за нивна контрола. Тоа значи и обезбедување рутински вакцини, како и безбедна вода за пиење, санитарни и хигиенски практики, особено во болниците и во другите здравствени услуги.
Второ, треба да ја намалиме употребата на антибиотици кај луѓето, животните и во земјоделството.
Како дел од сеопфатната програма за справување со АМР, потребни ни се повеќе дијагностички тестирања што обезбедуваат добро насочен третман. На здравствените работници им треба релевантна обука и поддршка за да можат да ги следат упатствата засновани на докази при препишувањето антибиотици.
Антибиотиците кои се од клучно значење за хуманата медицина треба претпазливо да се користат во ветеринарниот и земјоделскиот сектор, бидејќи здравјето на луѓето, животните и животната средина се тесно поврзани – т.е. потребен ни е пристапот „Едно здравје“.
Трето, треба да бараме одговорност едни од други, имајќи предвид јасни цели.
Мерливите цели ни овозможуваат да ги фокусираме нашите напори и ресурси на клучните области, мотивирајќи ги владите, давателите на здравствени услуги и организациите да дејствуваат.
Регионалната канцеларија на СЗО за Европа и Лондонската школа за економија тековно го развиваат првиот Индекс на отчетност за АМР за Европа и Централна Азија. Индексот веќе има широка поддршка од нашите 53 земји членки преку усвојувањето на Патоказот за АМР минатата година. СЗО/Европа планира да го промовира Индексот во 2025 година, истакнувајќи го напредокот во АМР и поддржувајќи ги земјите членки во нивните напори за одговор на АМР.
Четврто, ни требаат партнерства, и тоа со владите, фармацевтската, земјоделската и прехранбената индустрија, академската заедница и граѓанското општество.
Повеќето големи фармацевтски компании се повлекоа од истражувањето и развојот на антибиотици, бидејќи антибиотиците честопати се помалку профитабилни од другите лекови. Но, нови антибиотици се очајно потребни за да се спречи „катастрофалната закана“ од растечката АМР.
Сепак, субвенционирањето на истражувањето само по себе нема да го реши проблемот со АМР. Едновремено, ќе треба да го зајакнеме ангажманот на заедницата и да ја развиваме јавната свест.
Упатувајќи на резултатите од состанокот на високо ниво за АМР, овој месец, на маргините на 79-та сесија на Генералното собрание на ОН, повикувам на зголемено глобално лидерство, посветеност, акција и солидарност.
Имаме избор: да бидеме генерацијата што презема дефинитивна акција против АМР, чувајќи го нашето здравје и здравјето на идните генерации, или да бидеме генерацијата што ја пропушта можноста што ја има, потенцијално загрозувајќи ја модерната медицина каква што ја познаваме.
Изборот е очигледен.

(Авторот е регионален директор на СЗО за Европа)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот