За да функционира градски железничкиот прстен, не се доволни само шини

Фото: На точак

Треба да се размислува за интегрирање на железничкиот прстен со системот на БРТ или со трамвај и за интегрирање со систем на снабдувачки автобуски линии по кои ќе се стигнува до железничките/БРТ станици, сметаат велосипедистите од „На точак“.

Јавниот градски превоз во Скопје се сведува само на автобуси на ЈСП и на приватните превозници и ги задоволува само минималните потреби на граѓаните, кои немајќи никаков друг избор мора да го користат таков каков што е. Сите досегашни идеи за воведување трамвај, за подновување на возниот парк, за воведување БРТ односно брз автобуски превоз останаа само на проекти и залудно земени кредити.

Во Скопје има и железничка линија што поврзува одредени делови на градот, но која скопјани слабо ја користат, прво поради неинформираност, а потоа и поради недостапноста на железничките постојки и на нефункционалниот возен ред.

Токму затоа, идејата на новиот министер за транспорт и врски Александар Николовски за воведување таканаречен градски воз, граѓаните ја дочекаа незаинтересирано, не верувајќи дека е воопшто можно да се реализира нешто кое на кој било начин би го подобрило јавниот превоз.

Постојната железничка инфраструктура во градот Скопје е релативно добра и ќе овозможи да се искористи и граѓаните за точно определено време да може да стигнуваат, на пример, од Драчево до Скопје. Тоа може да почне уште од следната сезона и може да се направи цел железнички прстен околу Скопје, особено со населбите од кои луѓето имаат сега сериозен проблем да дојдат до центарот на градот. На тој начин ќе можат брзо да дојдат до центарот и за тоа ќе можат да се искористат возовите што се купија на крајот на мандатот на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ -ја објави министерот идејата во интервју за ТВ Сител.

За велосипедистите од групата „На точак“ идејата за активирање на железничкиот прстен е извонредна, исто како и идејата за трамвај и за БРТ, но како што велат, идеите се едно, а сосема друго е нивната анализа, разработка и реализација во што и градот и државата досега потфрлиле. Според нив, за да функционира железничкиот прстен, не се доволни само шини.

Од трамвај до брз автобуски превоз, следно ветување за скопјани е градскиот воз

Тие пред неколку години истражуваа дали може да се патува со велосипеди во воз низ Скопје и притоа утврдија во каква лоша состојба се станиците крај пругата, во запуштена околина и со лош пристап, но изнесоа и интересен податок дека од Лисиче до Транспортен центар со воз се стига за само 4 минути, а од Транспортен центар до Ѓорче Петров за само 13 минути!

Од претходните наши разговори со претходната локална власт во Град Скопје, имаме информација (само усна, за жал, непотврдена со никаква анализа, студија или сл.) дека по текот на оваа линија нема доволна густина на домување за да биде исплатлива. Оттаму се прашуваме зошто градот плански не се развива(ше) по текот на железничкиот прстен, туку насилно се ставаа и сѐ уште се ставаат згради во веќе оформени квалитетни населби, каде што не им е место и ги уништуваат? И дали министерот како министер надлежен и за урбанизмот ќе се заложи ова да се промени? – прашуваат од „На точак“.

Според нив, успешен јавен превоз може да биде само интегриран јавен превоз. Затоа треба да се размислува за интегрирање на железничкиот прстен со системот на БРТ или со трамвај и за интегрирање со систем на снабдувачки автобуски линии по кои ќе се стигнува до железничките/БРТ станици, затоа што луѓето не патуваат само по линија од А до Б.

На интермодалните станици треба да има и паркинзи за приватни велосипеди и јавен систем за изнајмување велосипеди и секако да бидат поврзани и со велосипедска мрежа. Од искуството во европски држави, многу луѓе се расположени да користат воз, кога патувањето до станицата им е скратено, односно не пешачат, туку доаѓаат со велосипед. И секако интермодалните станици треба да имаат во свој склоп и автомобилски паркинг. Доколку овие услови не се обезбедат, системот нема да биде доволно успешен, користен од многу граѓани и исплатлив – предлагаат велосипедистите.

Тие сметаат дека треба да се размислува и за железничко поврзување, односно на почеток искористување на постојните шини, а потоа изградба и на нови на ниво на Скопскиот Регион, зашто голем број од автомобилските патувања и метежот во Скопје е генериран од неговата околина. Тоа значи дека треба да има редовни железнички линии до Зелениково, до Кондово, до Трубарево, па и до скопскиот аеродром.

Во целиот овој процес посочуваме дека мора да се вклучи широка стручна јавност и клучните проблеми и спорни моменти да ѝ се објаснат и на широката општа јавност, граѓаните. Поради недоволна транспарентност, на почетокот се створи слика во јавноста дека проектот за БРТ е лош. Новата градоначалничка ветуваше дека ќе го објави проектот, дека ќе го коригира и дека ќе ја вклучи јавноста, но ништо од тоа не видовме. Јавноста, ако ја прашате, уште е во дилеми дали требаше или не требаше БРТ – велат од „На точак“ и додаваат дека доколку проектот беше јавно достапен како сите важни проекти од отворените градови кон кои се стремиме, можеби самата јавност ќе притискаше повеќе за проектот.

Град Скопје сака и нови автобуси и воведување БРТ: Има ли план во која насока ќе се развива градскиот превоз?

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот