За „27 април“ ќе нема ни помилување ни радување?

Фото: EPA/MAJA ZLATECSKA

Ниту од Вреди ниту од кабинетот на шефицата на државата не добивме одговор дали ќе ги исполнат ветувањата од предизборието. Сиљановска-Давкова најави дека ќе ги помилува осудените за „27 април“, а Таравари дека ќе преземе чекори за решавање на „Монструм“, „Сопот“, „Бродец“, „Алфа“, „Диво насеље“…

По промената на власта неизвесно е дали ќе има помилувања или повторени судења за некои од осудениците во звучните предмети, како „27 април“, „Алфа“, „Монструм“, „Диво насеље“ иако во екот на претседателската и на парламентарната кампања тоа беа меѓу ударните ветувања на дел од кандидатите за шеф на државата и на лидерите на партиите.

Во програмата на Владата на Христијан Мицкоски во политичкиот дел е наведено дека „во Македонија мора да дојде правда за неправедно осудените во политички монтираните случаи“, но не е прецизирано за кои случаи, ниту дали станува збор за помилување, повторени судења или амнестија.
Премиерот е дециден дека осудениците од „27 април“ не бараат помилување туку повторено судење, додека за „Диво насеље“ и за други предмети не само што не ја отворил таа тема со владините партнери од Вреди, туку не сака ни да разговара за тоа.
Од Вреди молчат дали со премиерот зборувале за овие предмети. На молк наидовме и од претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, која во кампањата најави дека ќе ги помилува осудените за „27 април“.
Од кабинетот на шефицата на државата не добивме одговор дали ќе го исполни предизборното ветување за осудените за „27 април“. Оттаму брифираат дека во тек се разговори за формирање Комисија за помилување.

Вака зборуваше Сиљановска-Давкова

Сиљановска-Давкова во претседателската кампања изјавуваше дека во името на правдата, етиката и моралот, претседателот на државата потребно е понекогаш да се одважи и да посегне по кочницата наречена помилување.

– Тоа ќе го направам и честопати го споменувам, особено кога ги имам на ум обвинетите од „27 април“. Вам, граѓаните, кога некогаш неоправдано ќе се најдете во судот, пред лицето на правдата, односно на неправдата, многу ви е важно дали има шанса од една кочница наречена помилување. Да, помилувањето не е случајно, има долга историска традиција. Го користеле кралеви, кралици, претседатели, ама кај нас мислам дека не се користело кога треба или се злоупотребувало кога не треба. Потребно е во името на правдата, на етиката, на моралот, претседателот понекогаш да се одважи и да посегне по една кочница во однос на судот. Тоа ќе го направам и честопати го спомнувам, особено кога ги имам на ум обвинетите за „27 април“. Страшно ме погоди судбината на Јане Ченто. Зар е можно судбината на неговиот дедо да се повторува во 21 век, во современа Македонија. Замислете да бидете обвинети за организирање терористичка закана или за рушење на уставниот поредок на Македонија. Последиците ќе ги чувствувавме до ден-денес ако имаше таква закана – порача таа од Струга за време на претседателката кампања.

Според претседателката, делото што им било ставено на товар за време на судењето („терористичко загрозување“) не одговарало на степенот на насилството.

– Тоа се случи за оние што не сакаа амнестија, а сакаат да ја докажат правдата. Ако не завршат постапките во Стразбур и ако сѐ уште се во затвор – да, ќе ги помилувам. Така ќе дојде до помирување – рече Сиљановска-Давкова во телевизиско гостување во кампањата.

Според Законот за помилување, донесен во март пред почетокот на изборната кампања, претседателот на државата може да помилува осудени лица само ако тие имаат правосилна пресуда, што е случај со осудените за настаните од 27 април.

Христијан Мицкоски Собрание Фото: Принтскрин

Мицкоски сега не може да се меша во работата на судиите

Премиерот Мицкоски, пак, во интервју за ТВ24 вели дека погрешна е тезата оти тие осуденици бараат амнестија.

– Тие луѓе бараат правда. Бидејќи сум во контакт со дел од нив, тие не бараат амнестија, туку правда. Не можам да кажам дали повторно ќе има отворање на случаите. Еве, јас сум прв што се залага за правда. Но, тоа е надлежност на Обвинителството, судовите, јас не можам да се мешам во нивната работа – рече Мицкоски.

Тој додаде дека во владината програма пишува дека ќе се залагаат за правда, но се огради дека Владата ќе се меша во судството и обвинителството.
Мицкоски е дециден дека со партнерите од Вреди не зборувале за конкретни предмети, особено не за „Диво насеље“, што, пак, е еден од предметите за кои во кампањата ветуваа правда Изет Меџити, Арбен Таравари, Билал Касами и Африм Гаши.

– Во „Диво насеље“ имаме мртви луѓе, убиени припадници на безбедносните сили што го бранеле унитарниот карактер и уставниот поредок на нашата држава. Што е тука политички монтирано? Јас не сум ја отворил таа тема. Јас не гледам политичка мотивираност таму. Јас не разговарам на таа тема. Не сме спомнувале случаи, за такво нешто немаме зборувано. Можеме други случаи да разгледуваме, да видиме кои се политички монтирани – рече Мицкоски во интервјуто за ТВ24.

Арбен Таравари/фото Слободен Печат/Слободан Ѓуриќ

Од Вреди не добивме одговор дали со Мицкоски разговарале за правда за конкретни предмети.
Во ек на преговорите за формирање влада, дел медиуми информираа дека коалицијата Вреди во разговорите со ВМРО-ДПМНЕ потенцирала дека бара создавање правни можности за ослободување на лицата осудени во случаите „Алфа“ и „Монструм“, а дека ВМРО-ДПМНЕ побарало создавање правни можности за ослободување на лицата осудени во случајот „27 април“.
Таравари во кампањата ветуваше дека ќе преземе конкретни чекори за решавање на, според него, политички монтираните случаи.

– Со доаѓањето на Вреди на власт, сите жртви на монтираните случаи ќе бидат ослободени и обесштетени. „Монструм“, „Сопот“, „Бродец“, „Алфа“, „Диво насеље“ и други, сите се имиња кои нѐ потсетуваат на отворената рана во нашето општество, онаа на селективна правда што ги угнетува Албанците – рече Таравари во кампањата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот