Вреди од глувчева дупка го одмолчаа раздвојувањето на Македонија од Албанија на патот кон ЕУ

Фото: Арбен Таравари/Фејсбук

Евроинтеграцијата како услов за владина коалиција и со рокови од шест месеци за Македонија да ги почне преговорите беше прв приоритет на Вреди. Сега се без коментар, освен дека остануваат на евроинтеграцискиот пат.

Лидерите на Вреди Изет Меџити, Арбен Таравари, Билал Касами, како и претседателот на Собранието и поранешен лидер на Алтернатива Африм Гаши, во глувчева дупка го одмолчаа раздвојувањето на Македонија од Албанија на патот кон ЕУ, откако Комитетот на постојаните претставници на владите на членките во Европската Унија (КОРЕПЕР) решија Албанија на 15 октомври да го почне преговарачкиот процес за членство во ЕУ по поглавја. Евроинтеграцијата како услов за владина коалиција и со испорачани рокови од шест месеци за Македонија да ги почне преговорите беше прв приоритет на Вреди, во спротивно тие „нема што да бараат во Владата“. Сега се без коментар, освен дека остануваат на евроинтеграцискиот пат. Наспроти Вреди, ДУИ ја обвини Владата за политички неуспех да ги спроведе уставните реформи.

Гаши не сакаше да коментира, а Меџити и Касами остануваат посветени на евроинтеграциите.

– Не би сакал да навлезам во дневна политика. Тој дел останува во доменот на политичките партии. Така што, не би сакал да коментирам – рече Гаши.

– Остануваме посветени на ова прашање кое е еден од врвните приоритети во нашите политики. Се надевам дека брзо ќе најдеме решение – изјави Меџити.

За Касами раздвојувањето е резултат на погрешните политики во изминатите години, но и на пречките со соседите. Тој рече дека како Влада ќе се обврзат Македонија што поскоро да го отвори првото поглавје за да стане дел од ЕУ.

– Ние би сакале одлуката да беше заедно со нашата држава, но сигурно дека го поздравуваме овој чекор. Сигурно дека како Вреди, ќе работиме сериозно билатералниот проблем со нашиот источен сосед што побрзо да се разреши и Македонија побрзо да ги отвори пристапните преговори и да бидеме првите земји до 2030-та кои ќе бидат рамноправни членки на ЕУ – рече Касами.

Таравари пак, само кусо ни одговори дека „и ние наскоро ќе ги почнеме преговорите“.

Од Вреди не ни одговорија дали уште важи условот дека ќе излезат од Влада ако Македонија не ги почне преговорите и дали воопшто има некакви рокови, за кои во изборната кампања се обврзаа пред своите гласачи. Го одмолчаа и прашањето како ќе го амортизираат незадоволството кај албанскиот електорат откако Македонија остана пред портите на ЕУ и кое е решението на кое брзо се надеваат дека се најде. Вреди неодамна се откажа од какви било рокови, а тоа го оправда со состојбата во Бугарија.

Од опозициската ДУИ оценија дека земјава се соочува со болен момент, граѓаните се разочарани и огорчени поради неуспехот на Владата да ги спроведе уставните реформи и дека Македонија е одвоена од Албанија на својот пат кон ЕУ.

– Оваа одлука е директна последица на политички неуспех но, пред сè, е тешка неправда за секој граѓанин на Македонија кој ја гледаше Европа не само како политичка цел, туку и како длабока општествена и културна аспирација. Веќе не сме на заеднички пат со Албанија, и ова е удар врз регионалното единство и стабилност за кои сме се залагале толку долго – велат од партијата на Ахмети.

Од ДУИ додаваат дека постојано предупредувале дека овој неуспех ќе има сериозни последици зашто секој ден на одложување на уставните реформи е изгубен ден за европската иднина на нашите деца и дека е чекор подалеку од европското семејство и чекор поблиску до изолација, поделеност и стагнација.

– Нашите зборови не се само критика. Тие се отворен апел до секој граѓанин на оваа земја кој ја посакува Европа и верува во нејзините вредности: ова е моментот заеднички да испратиме силна порака за дејствување без повеќе одложувања. Не смееме да дозволиме погрешните политики да ни ја одземе иднината. Ова не е партиско прашање, туку државно прашање што го засега секое семејство и секој поединец кој верува во подобра, стабилна и европска иднина. На оваа раскрсница, решени сме да се бориме за тоа што е исправно и за правото на граѓаните на Македонија да станат дел од европското семејство. Историјата ќе ни суди за овој момент, и ние нема да дозволиме Македонија да остане надвор од Европа поради политичките неуспеси на моментот – велат од ДУИ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот