Вработените во НП Шар Планина со петиција бараат директорот Дехари да остане на функција

Фото: Фејсбук/ Ибрахим Дехари

„Стоп за промена на директорот на Јавната установа Национален парк Шар Планина“, гласи петицијата на вработените на НП Шар Планина чија иницијатива потекна од Анела Ставрова Панајотова, раководител на одделението за заштита на природата во НП Шар Планина.

Петицијата која може да се потпише на следниов линк е во период кога се разрешуваат актуелните директори и се поставуваат нови од новата владејачка гарнитура.

Панајотова вели дека се одлучила на ваков чекор оти како „ретко се наоѓа човек како Ибрахим Дехари кој и покрај тоа што и професионално и приватно е докажан и остварен човек во секоја смисла, сепак со цело срце и енергија е посветен на мисијата да го заштити националното и светско богатство – Шар Планина и уште повеќе да ги подобри условите за живот на локалното население“.

„Тој е најдобриот познавач на планината, на теренот, на проблемите и потребите на луѓето, на традициите. Но, исто така од него нема подобар познавач на заканите за уништување на природата која е наше националното богатство.
Човек со срце како планина да помогне на секого, но над сè, тој е човек кој гради мостови. Мостови преку реки со своите раце, но и мостови за соработка и подобра иднина за нашата земја. Со оваа петиција бараме од Владата на Република Северна Македонија да не го менува директорот на Јавната установа Национален парк Шар Планина од неговата сегашна позиција. Луѓето кои носат резултати и ги движат работите кон подобро треба да ги задржиме, а не да ги замениме. Водството на владата треба да биде базирано на резултати, а не на политика – и еден поглед на прогресот што го направи Јавната установа Национален парк Шар Планина под водството на Ибрахим говори само за себе. Прогласувањето на Националниот парк ја промени нашата земја на подобро, а заштитата на Шар Планина може да биде загрозена ако се донесат погрешни одлуки. За заштита на нашата Шара, ставете го вашето име до моето и приклучете се кон барањето за спречување на оваа неразумна промена. Заедно, можеме да ја направиме разликата – можеме да го заштитиме нашето национално богатство“, се вели во образложението на самата петиција.

Инаку, Дехари е кадар на ДУИ. Тој е еден од ретките директори кој секогаш излегува во пресрет на медиумите за каква било информација поврзана со шарпланинскиот масив кој е заштитен пред две години кога и тој ја доби функцијата прв човек на установата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот