Впечатлива, квалитетна и возбудлива сезона во Националната опера и балет

„Гала балетски концерт“ во Националната опера и балет / Фотографија: Марко Угарковиќ

Со „Гала балетски концерт“ во рамките на фестивалот „Скопско лето“ на 26 јуни заврши една драгоцено успешна и сериозна сезона на Националната опера и балет.

Истовремено искажувајќи почит кон јубилејот на фестивалот „Скопско лето“ и неговиот огромен придонес кон публиката и граѓаните на Скопје низ годините, проектот „Гала балетски концерт“ на свој вообичаено спектакуларен и разнобоен начин презентираше виртуозен калеидоскоп на делници од најпознатите балетски класици преку што се истакнаа првенците, солистите, ансамблот и оркестарот на институцијата под одличниот концепт на дирекцијата на балетот.

Оваа сезона на НУ Национална опера и балет (НОБ) несомнено се забележа како навистина успешна и забележително се истакна врз останатите сезони, кои по традиција секоја година ни нудат впечатлива и квалитетна програма. Од фолклорно-класичната „Симбиоза“, Василичарскиот гала-концерт, Оскаровскиот концерт, преполните сали на мошне збиените термини на претстави од „железниот репертоар“ на Пучини, Чајковски и други, до спектакуларното 52-ро издание на „Мајски оперски вечери“.

Имено, на покана на тогашниот генерален директор м-р Васо Ристов и уметничкиот директор, а сегашен в.д. директор Орце Ицковски, имав чест да го отворам токму ова, во многу нешта, особено интересно издание на „Мајски оперски вечери“.

Отворање на Мајски оперски вечери 2024

Како долгогодишен солист-првенец и поранешен уметнички директор на операта, би можела да им честитам на уметничкиот тим на операта за овогодинешната разновидност и високо ниво на фестивалот, на кој заедно со нашите уметници настапија врвни уметници од целиот свет, од Америка до Кина.

Стратегијата на директорот Ицковски преку изборот на уметници да го стави овој фестивал на мапата на најактуелните светски збиднувања се покажа сосема успешна, за што сведочат многубројните рецензии и покани на светски диригенти и уметници по завршувањето на фестивалот.

Успешната стратегија се гледа преку внимателно избраните учесници-диригенти, како Енрико Довико, кој ја познава оперската фела како фреквентен диригент во Виена, Прага, Рим и неколку германски градови, потоа Паоло Бресан, мошне поврзан диригент во Берлин и сега шеф-диригент на операта во Далас, диригентот Најер Нагуи од операта во Каиро, Александрија и Арапските земји, како и младиот диригент Нимрод Фефер од славната „Метрополитен опера“ во Њујорк, но и солистите од Германија, Канада и Националната опера во Кина со солистот Ли Шуанг, уметник од прв ред во државата, впечатливото гостување на Софиската опера со Вагнеровата „Валкира“, со што се овозможи македонската публика за првпат да ужива во Вагнеровата музика со прекрасната изведба од солистите и ансамблот на Софиската опера. Како новина на фестивалот беше Музичкиот камерен театар од Љубљана со современата камерна-акапела опера „Свадба“, со која, исто така, за првпат имавме можност да проследиме современа опера на фестивалот.

„Гала балетски концерт“ во Националната опера и балет / Фотографија: Марко Угарковиќ

Сметам дека достојно со огромен успех и резултати од сите аспекти, според обемот и квалитетот на програмата реализирана со мошне мал буџет, но со високо ниво на презентација на нашата традиција, овој наш реномиран фестивал, кој по својот жанр е мошне редок во светот, имаше одлично издание.

Според статистиката на куќата, 52-то издание на „Мајски оперски вечери“ е најпосетениот фестивал досега со рекордно продадени билети, преполни сали за сите проекти и огромна заинтересираност од страна на јавноста во државата и во регионот. Честитки за успешната сезона, која во многу нешта се покажа како особено возбудлива и истовремено задоволувајќи ги потребите на многу видови публика.

Авторка на текстот е м-р Славица Галиќ Петровска, првенка на НОБ во пензија

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 237, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 29-30.6.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот