Возачот на заменик-министерот за култура уапсен во Тетово, попречувал работа на полицајци
Возачот на заменик-министерот за култура Седат Сулејмани, како и внукот на возачот, вчеравечер биле приведени во полициска станица во Тетово затоа што влегле во расправија со полицајци и ги спречувале да ја вршат работата, објави „Сител“.
Според телевизијата, полицајците го запреле внукот, кој се јавил да ургира кај возачот. МВР денеска соопшти дека двајцата ја попречиле работата на полицајците и им ја загрозиле безбедноста, поради што биле приведени, заедно со уште едно лице.
„На 24.09.2024 година во 21:45 часот на улица ,,Илинденска“ во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово поради загрозување на сигурност и спречување на службено лице во вршење на службени дејствија ги лишиле од слобода Н.М.(40) А.К.(35) и И.Ф.(33) сите од Тетово. Тие се задржани во полициска станица за понатамошна постапка и прoтив нив ќе следува соодветен поднесок“, соопшти денеска полицијата.
Откако дел од медиумите објавија дека заменик-министерот за култура Сулејмани вечерта дошол пред полициската станица, тој за „Сител“ вели дека не бил пред СВР Тетово, туку во кафулето пред полициската станица – се интересирал што се случува со неговиот возач, но не интервенирал и не го оправдувал неговото однесување.
Јавен обвинител треба да одлучи дали за тројцата приведени што се расправале со полицијата и ги попречиле во работата ќе има прекршочни или кривични пријави.