Во складовите има дрва, а за догодина ќе се зголемат сечењата

Дрва за огрев / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Сезоната е при крај, граѓаните се снабдија, а многу е важно дека пензионерите си ги добија дрвата по старата цена, по онаа која ја уплатиле уште во февруари

Јавното претпријатие „Национални шуми“ речиси стопроцентно ја завршило испораката на огревно дрво, иако до пред само еден месец фрчеа жалби од граѓани, кои се смрзнуваа бидејќи не им стасала нарачката. Директорот Валентин Груевски за „Слободен печат“, вели дека за испорака останале уште 2-3 отсто од уплатените дрва, а за два месеци ќе почне новата сезона за склучување на договори.

Според Груевски, годинава производството е зголемено за 30.000 кубици, бидејќи граѓаните се уплашија од високите цени на сите енргенси.

-Мислам дека се направи фама дека нема да има доволно дрва, а бевме многу критикувани и дека испораките доцнат. Сепак, сезоната е при крај, граѓаните го добија уплатеното, а многу е важно дека пензионерите си ги добија дрвата по старата цена, по онаа која ја уплатија во февруари – објаснува Груевски.

Инаку, по 13 години, огревните дрва во август годинава, поскапеа за 20 отсто и кај нив сега кубик чини 3.500 денари плус ДДВ. Владата во ноември ја утврди највисоката цена на дрво од даб и бука до 4.500 денари за метар просторен, односно до 6.429 денари за метар кубен. Тогаш престана и важноста на одлуката за замрзната маржа на огревното дрво и пелети за сите трговци во висина најмногу до 10 отсто. Највисоката цена пак на пелетите се утврди до 27 денари за еден килограм, со вклучен ДДВ и транспорт. Највисоките цени се применуваат до Нова година. Но, во приватните складишта, дрвата се продаваат и за над 5.000 денари за кубик. Големата разлика во цените на дрвата за огрев во „Национални шуми“ и приватните складови се должи на тоа што приватните складови не подлежат на Регулаторна комисија и тие слободно ја формираат цената на производите. Инаку, ЈП„ Национални шуми“, освен со пензионерите, склучува договори со училишта и градинки и тие требаше да имаат приоритет.

Штетата од минатогодишните пожари изнесуваше 40 милиони евра. Полицијата оваа година презема засилени мерки и за превенција и заштита од пожари, а беше прогласена кризна состојба од 1 јуни до 30 септември.

Од ланските пожари, кога изгореа 390 илјади кубни метри дрвја, досега се откупени 150.000 од 150 правни субјекти и има уште толку за продажба, информира директорот на „Национални шуми“.

-Наша законска обврска е да го расчистиме теренот во рок од две години, па потоа да пошумуваме. Склучени се околу 150 договори со правни лица за околу 150.000 кубни метри и на тие површини активно се работи на отстранувањето на опожарената дрвна маса. Заинтересирани се компании од земјава, кои најчесто го користат ова дрво за палети и производство на палети. Се работи за црн и бел бор, кое не се користи за огрев, а цената која е 790 денари од кубик е ниска поради фактот што компаниите самите го земаат дрвото од шумите – вели Груевски. Дел од опожарената маса се користи и за производство на трупци за градење, бидејќи дрвата беа опожарени само на површината.

Според „Национални шуми“, оваа година планот е да се пошумат околу 600 – 700 хектари површина и на секој хектар да се посадат околу 2,5 илјади садници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот