Во северно Косово се појавија постери со слика на Вучиќ и порака „Врховен команданту, те чекаме“

Постери со провокации во Косово / Фото МИА

Во северно Косово утрово се појавија плакати со фотографијата на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, придружени со пораката „Врховен команданту, те чекаме“.

Постерите, на кои се гледа Вучиќ и зад него припадници на српската војска, се залепени на згради, куќи, локали и во јавни простори во четирите општини на северот на Косово, населени со мнозинско српско население – Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток.

Заменик директорот на косовската полиција за северниот регион, Ветон Елшани, за Радио Слободна Европа потврди дека властите отвориле случај за „предизвикување омраза“.

– Памфлети со фотографијата на претседателот на Србија се разделени на повеќе локации во четирите општини на северот од земјата. По консултација со државниот обвинител, отворен е случајот за поттикнување омраза, рече Елшани.

Во моментов, според Елшан, нема осомничени за поставување на овие плакати, но „полицијата работи на расветлување на случајот“.

Во врска со безбедносната состојба на северот, Елшани рече дека е добра.

Појавувањето на овие постери на север се случува во време кога тензиите меѓу Косово и Србија и понатаму се високи од мај минатата година, кога мандатот во четирите општини на север го започнаа новите градоначалници Албанци, избрани откако Србите ги бојкотираа изборите.

Тензиите дополнително се зголемија во септември, кога група вооружени Срби ја нападнаа косовската полиција во Бањска, убивајќи еден наредник.

Одговорноста за нападот ја презеде Милан Радоичиќ, поранешен потпретседател на Српска листа, најголемата партија на косовските Срби која ја ужива поддршката од Белград.

Приштина побара од Белград да ги предаде Радоичиќ и неговата група на судските власти на Косово. Косовскиот премиер Албин Курти ова барање го повтори за време на последната рунда од дијалогот, кој се одвива со посредство на Европската унија, на 26 јуни.

ЕУ соопшти дека ова е еден од трите услови кои Косово ги постави за негово ангажирање во процесот на нормализирање на односите со Србија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот