Во првиот квартал од годинава БДП зголемен за 1,2 проценти на годишна основа

Раст на БДП во Европа/ Фото: Архива на Слободен Печат

Во првиот квартал од 2024 година, БДП се зголемил за 1,2 отсто на годишна основа, задржувајќи ја потиснатата економска динамика од 2023. Релативно воздржаната економска активност е резултат на две главни тенденции. Од една страна, извозот забележа релативно голем пад од 7.8 отсто, подлабок од тој во 2023. Од друга страна, приватната потрошувачка, која сочинува доминантен дел од БДП, порасна за 2 отсто, што претставува солиден раст кој го одразува високиот реален раст на платите (12,9 отсто), иако под просекот од претходната година, покажуваат податоците од Макроекономскиот монитор за првиот квартал од годинава што го објави Фајненс тинк.

Според информациите, најголем раст во овој квартал забележуваат бруто инвестициите од 23,6 отсто, што, како што се нагласува е значајно заздравување по негативните стапки во 2023, а резултат на инвестициите во машини и новата акумулација на залихи. На производната страна, растот во првиот квартал е целосно создаден од услужниот сектор (4,4 отсто), додека земјоделството (-19,7 отсто), индустријата (-1,2 отсто) и градежништвото (-2,5 отсто), сите забележаа значајни падови, поголеми од тие во претходниот квартал.

-Воздржаноста на економската активност посебно се забележува кај движењата на пазарот на трудот. Во првиот квартал од 2024, невработеноста незначително се намали на 12,9 отсто (од 13 отсто во претходниот квартал). Вработеноста и неактивноста благо се намалија на 45,4 отсто (од 45,5 отсто во претходниот квартал), односно на 52,1 отсто (од претходните 52,2 отсто). Обесхрабрувањето во барањето работа и пасивизацијата на работната сила започнаа уште во текот на пандемијата и оваа тенденција опстојува до денес. Во првиот квартал од 2024, инфлацијата остана на нивото од претходниот квартал, 3,4 отсто на годишна основа. Спласнатите глобални притисоци кај храната и енергијата и сe’ уште замрзнатите цени на избрани прехранбени производи во дел од овој квартал, како и забавувањето на преносот на инфлациските притисоци врз пошироката потрошувачка кошничка овозможија забавување на растот на цените уште кон крајот на 2023 година, но во овој квартал, притисокот не се намали понатамошно, во значаен дел поради преостанати варијации кај цените на храната, се вели во денешното соопштение од Фајненс тинк во врска со објавениот Макроекономски монитор.

Според Фајненс тинк благи позитивни поместувања од сегашната воздржаност во економијата се очекуваат во втората половина од 2024 година. Изгледите во поглед на инфлацијата остануваат поволни, но, како што се нагласува, зависат од се уште присутни критични фактори. Finance Think ги задржува претходните проекции за раст на БДП во 2024 од 2,7 отсто и за раст на цените од 3,8 отсто.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот