Од понеделник ќе се достави иницијатива до Уставен суд за линеарен раст на пензиите

Јованка Тренчевска /Фото: МТСП

Правните експерти ја составиле иницијативата за преиспитување на уставноста за линеарно зголемување на пензии и како што изјави за „Слободен печат“ министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, иницијативата ќе биде доставена во Уставен суд од понеделник.

– Уставниот суд веќе има донесено одлука во 1997 година, во времето, кога беше премиер Бранко Црвенковски за неуставност на линеарно зголемување на пензиите. Во одлуката на Судот од 1995 година, се посочува дека сите права од пензиско и инвалидско осигурување треба да бидат во согласност со должината на работниот стаж и она коешто секој работник во времето на работниот век го придонесува во Пензискиот фонд, Пензиите се економска категорија. Сепак, пензионерите бараат линеарно зголемување и ние постапуваме по нивното барање – изјави Тренчевска во врска со барањата на пензионерите за линеарен раст на пениите по 3.500 денари за секој корисник.

Таа вели дека идната недела  ќе се знае и точниот процент на зголемување на пензиите, согласно законската регулатива затоа што двата неопходни параметри за корекцијата на пензиите веќе се објавени, а тоа се инфлацијата заклучно со јуни и растот на платите, исто така заклучно со јуни.

Според досегашните најави на министерката Тренчевска, пензиите ќе се зголемат најмалку за 6 проценти.

Според Законот за пензиско и инвалидско осигурување: „Усогласувањето на старосната пензија се врши според движењето на индексот на трошоците на животот во висина од 50% и порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во Република Македонија во висина од 50%. Пензијата од ставот (1) на овој член, се усогласува на 1 март и на 1 септември секоја година според процентот кој се добива како збир на порастот на индексот на трошоците на живот во претходното полугодие и процентот на порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во Република Македонија во претходното полугодие во однос на полугодието кое му претходи.“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот