Во Македонија студентите работат во кафулиња, во Словенија во кариерни центри

Конференција „Од Словенија до Северна Македонија: Синергија на образованието и бизнисот во Северна Македонија“./ Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Во Словенија во академската 2023/2024 година се запишале 1.697 македонски државјани. Дел од тамошните студенти ги пренесуваат искуствата на словенечкиот образовен систем и зборуваат за тоа што треба државата да направи за да се вратат да живеат тука

Најдобрите ученици во Македонија сè почесто се одлучуваат да студираат во странство, а и таму се меѓу најдобрите. Ние имаме многу паметна младина, но таа не е доволно мотивирана да се образува овде и да остане да живее во земјава, беше кажано на Конференција „Од Словенија до Северна Македонија: Синергија на образованието и бизнисот во Северна Македонија“.

Само во академската 2023/2024 година во Словенија се запишале 1.697 македонски државјани. Интересот за студирање во оваа држава секоја година се зголемува. Кристијан Поповски, претседател на Македонската студентска организација во Словенија, вели дека анкетата што ја направиле детектирала има многу предности зошто нашите државјани одат да студираат во Словенија.

– Во однос на образованието, прво добиваме меѓународно признаени дипломи, кои се високо ценети. Се применуваат современи наставни методи, за разлика од кај нас, каде што не се застапени, потоа физички и дигитално имаме среден простор, постојат многу читалници, библиотеки… Овде, на пример, недостасуваат основните хигиенски услови. Во Словенија постојат кариерни центри каде што работат студентите, во Македонија тие работат по кафулиња. Треба да се залагаме и во Македонија да постои платена студентска работа, а треба да се види на дело и борбата против корупцијата – рече Поповски.

Прво направете услови, па потоа викнете ги младите да се вратат

Тој одржа и одлична лекција зошто младите не сакаат да останат да живеат во Македонија и посочи дека тоа се точки за размислување и за коригирање за да младите што студираат во странство, се вратат и придонесат за развој на нашата земја.
– Би го цитирал мојот професор од Економскиот факултет во Љубљана, кој вели дека прво треба да се постави основа, да се изгради систем, па потоа да се повикаат младите, а не обратно – рече Поповски.
Поповски вели дека во Македонија на завршените кадри им се нудат почетни многу ниски плати.
– Имаше пример кога на магистер по биомолекуларна медицина му се понудија 18.000 денари. Овде се многу ограничени можностите за кариерен напредок, во Словенија се напредува според заслуги. Во однос на студентската работа, еден час работа во Словенија е еднаков на овдешна дневница за цел ден. На младите, како што покажа анкетата, многу им се важни и другите услови за живот, а имаат замерки за функционирањето на законите во Македонија, за здравството, за загадувањето и за корупцијата – вели Поповски.

Словенечките фирми ги опремуваат студентските кабинети

Тој ги повика стопанствениците што без присутни на Конференцијата да инвестираат во образованието.
– Во Словенија сите предавални се одлично опремени, има одлични лаборатории. Таму студирањето е бесплатно, но затоа стопанството многу донира во образованието. Сите лаборатории се од донации – вели Поповски.
Лабораториите и можностите за учење во Словенија ја импресионирале и Климентина Чаповска, која е студент на Факултетот за електротехника и информатика во Марибор.
– Ние тука се бориме со системот уште од основно училиште. Во образованието треба да се вложува од самиот почеток од основното училиште. Така тоа функционира во Словенија – вели Чаповска.
Сепак, на Конференцијата беа присутни и млади што студираат во Словенија, а кои тврдат дека нивната намера е знаењата да ги пренесат овде.
– Во нашата земја економијата е во почетен развој. Се чувствувам како уметник што пред себе има празно платно и сметам дека во Македонија ќе имам многу можности – рече Владимир Јорданоски, кој е трета година на Економскиот факултет во Љубљана.
Конференција „Од Словенија до Северна Македонија: Синергија на образованието и бизнисот во Северна Македонија“ се одржа во организација на Амбасадата на Република Словенија заедно со Друштвото на словенечки и македонски стопанственици и Македонската студентска организација во Словенија.

Дојдете, ама имате затворена врата!

Д-р Арбреша Ибрахими својата титула ја стекнала на Архитектонскиот факултет во Словенија, а сега е професор на Балканскиот универзитет во Скопје. Таа вели дека кога се вратила во нашата држава, наишла на многубројни пречки.
– Се вратив поради тоа што отидов. Отидов поради тоа што не сме ценети, поради низа дискриминации – по пол, вера, нација. Кога докторирав во Словенија, добив желба да се вратам и да докажам дека сме успешни. Но, ниту еден државен универзитет не сакаше да ме прими. Исто така, овде се губи многу време на нострификациите. Не се прифаќа уверението од Љубљана, од еден од најдобрите 500 факултети во светот. Ни велат: Дојдете, ама имате затворена врата! – рече Ибрахими, која присуствуваше на дебатата во рамките на Конференцијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот