Во Македонија секогаш има една недела вишок во месецот

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

СДСМ дојде на власт со изборното ветување од 500 евра просечна плата. Пред речиси 4 години ова ветување изгледаше како научна фантастика. Денеска просечната плата е близу до целта – 28.438 денари. Научната фантастика станува реалност, но, за жал, сега оваа плата не изгледа така фантастична, туку просечна.

Во Македонија со децении има еден ист проблем – во месецот има вишок една недела. Секој месец во домаќинствата се провлекува истиот проблем – како последната недела да се издржи до плата. Истата дилема е и сега со просечна плата од речиси 500 евра.

Ако се гледа статистички, калкулаторот на Државниот завод за статистика покажува дека инфлацијата за 4 години е 5,75 проценти, ако се спореди март 2021 (за кога е последната пресметка) во однос на март 2017 година. Ако пак се спореди растот на платите, во март 2017 година просечната нето-плата изнесувала 22.445 денари, а во март 2021 година 28.217 денари, што значи дека просечната нето-плата се зголемила за 25,7 проценти. Според бројките, инфалцијата е многу помала од растот на платите. Зошто тогаш пак имаме вишок недела во месецот?

Една причина може да биде тоа што кошницата на трошоците за живот врз чија основа се пресметува инфлацијата, иако статистичарите ја земаат како најсоодветна на навиките на потрошувачите, таа изгледа не соодветствува толку многу со тоа за што народот троши пари. На пример, просечната цена на струјата за домаќинствата во 2020 изнесувала 5.144 денари, односно се зголемила за 15,9 проценти во однос на 2017. За 4 години се зголемиле приходите на Македонски телеком за 14 милиони евра, односно за 8,3 проценти, а тие пари се прелеале од џебовите на граѓаните и на фирмите. Потоа, има голем раст на транспортните трошоци. Цената на бензинот БС- 98 во 2017 година била 65,5 денари, а сега е 71 денар за литар, додека дизелот се продавал за 51 денар, а сега се продава за 62 денари.

Големи разлики има и во цената на храната и тоа е најголемата болка на народот, кој една третина од своите приходи ги троши само за да се прехрани. Помина времето кога во продавниците можеше да се најде кравјо сирење за 180 денари, кашкавал за 280, јунешка кртина за 320 денари. А, токму овие цени ги пронајдовме пребарувајќи ја на интернет-понудата на храна во 2017 година.

Втора причина што, исто така, ја омаловажи просечната плата од 500 евра е профитабилноста на компаниите. Македонија има многу висок Џини-коефициент со кој се мери нерамномерната распределба на приходите (30,7 проценти) или, во превод, огромната алчност на сопствениците на капиталот.   Така, најголемата плата во Македонија лани била 150.000 евра. Е, и таа плата влезе во овој просек од 28.438 денари. Време е Владата да си постави нова цел – просечна плата од 1.000 евра. Така, и целата економија ќе мрдне напред, а можеби и ќе исчезне вишокот недела од нашиот календар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот