ВМРО-НП: Откажувањето на бугарското државјанство на министерката Божиновска оди во прилог на тезите на Бугарија

Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини/Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

ВМРО-Народна партија со внимание ја следи дискусијата околу бугарскиот пасош на министерката за енергетика Сања Божиновска и забележува дека таа под притисок на нејзините сопартијци и колеги во партијата има поднесено барање за откажување од бугарското државјанство.

– ВМРО-Народна партија смета дека владејачката структура многу повеќе ќе ѝ помогне на Република Северна Македонија доколку министерката го зачува државјанството и пасош, со тоа ќе ја побие тезата на сите оние кои критикуваат дека во Македонија не може да функционираат Бугари на високи државни функции, а напротив вака само ќе ја потврдиме тезата дека сѐ што е бугарско во Македонија се „шиканира“ – нагласуваат од ВМРО-НП.

Партијата додава дека е индикативно што никој не реагира на српското државјанство и пасош на вицепремиерот Иван Стоилковиќ, а со тоа „само се зацврстува фактот дека во нашата Македонија масовно се применуваат двојни стандарди и дека водиме двојна политика кон етничките заедници во нашата држава“.

Министерката Божиновска во изјава за Канал 5 пред  четири дена призна дека имала бугарски пасош, додавајќи дека постапката за отпуст од бугарско државјанство била финализирана.

Вчера, пак, премиерот Христијан Мицкоски покажа разбирање за министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска која во својата биографија наведе дека поседува македонско и чешко државјанство, без да го спомене бугарското државјанство. Отпуст од бугарското државјанство побарала во втората половина на 2023 и процедурата не е завршена, па сѐ уште е и бугарска државјанка. Божиновска во февруари годинава стана членка на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

– Не би се согласил дека криела од јавноста, инаку не гледам причина во биографијата и нашиот матичен лист треба да го ставиме… Ако јас напишев сѐ што сум правел во биографијата во моите 46 години ќе ми требаа неколку тома…“, рече Мицкоски.

Инаку, Божиновска го користела бугарското државјанство додека работела во Хрватска во групацијата „Руднап“.

– Не се согласувам дека ја манипулира јавноста. Ќе побаерате одговор од лицето за кое прашувате. За Сања само можам да кажам дека е исклучителен, европски експерт и дека сум среќен што ја имам како соработник во мојот тим – рече Мицкоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот