ВМРО-ДПМНЕ нека не бара „мечки“ во Синдикатот

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

По глобалната партиска поделба на народот, сега се случува и поделба на работниците – на приврзници на Дарко или на Јаким. Опозицијата тоа го подгрева, а епилогот на децениските менаџирања со државата се плати рангирани на опашката на Европа

Растот на мнималната плата на 18.000 денари и останувањето на останатите плати на старите позиции ја отвори Пандорината кутија и го зовре незадоволството во државата. Пред нас, барем според најавите, следи недела на протести на улиците, а веќе десетина дена учениците (со некои исклучоци) се оставени без настава поради штрајкот на просветните работници. Синдикатите, станаа гласни, како што одамна не сме ги слушнале, а опозицијата го искористи моментот за остри критики и кон актуелната власт, но и кон Сојузот на синдикати, а притоа бранејќи ја Конфедерацијата на слободни синдикати. Па така, по онаа глобална партиска поделба на народот, која сѐ повеќе зајакнува во последните години, сега се случува и поделба на работниците – на приврзници на Дарко или на Јаким.

Но што е голата вистина и кој е виновен за тоа? Еве ги фактите. Македонија е на самата опашка во европските земји по висина на просечна плата. На пример во Србија, според последните податоци од нивната агенција за статистика, а кои се однесуваат за јанурската просечна нето-плата, таа била 602 евра, во Црна Гора февруарската нето-плата била 706 евра, во Босна и Херцеговина – 541 евро, а во Македонија, Државниот завод за статистика пресмета дека во февруари била 29.839 денари, или 485 евра. Од друга страна пак, сегашната минимална плата во Македонија е речиси иста како и во Србија, повисока е од онаа во Босна и Херцеговина за 15 евра, но е значително пониска од од црногорскиот „минималец“ кој е дури 450 евра.

ВМРО-ДПМНЕ владееше во време кога минималната плата беше околу 8.000 денари, а кога платите на наставниците во основното образование беа пониски за 3.267 денари, а на оние во средното образование за 4.353 денари од сегашните (така пресмета сегашната Влада). Не дека сега стигнаа до некое достојно ниво за нивното звање – 24.786 денари за наставник во основно улилиште и 25.642 денари во средно училиште плус додаток за стаж! Но, навистина е трагикомично кога ВМРО-ДПМНЕ јавно ги повикува претседателот на ССМ Дарко Димовски и премерот Димитар Ковачевски да не ги саботираат легитимните барања на СОНК и на КСС според кои платата за наставник приправник од 22.764 денари ќе порасне на 41.256 денари. ВМРО-ДПМНЕ нека не бара „мечки“ во Синдиктот. Зошто во „своето“ време не ги зголеми платите на наставниците?

Еден од начините да се стимулира растот на сите плати во државава, што го форсираше владата на СДСМ, е токму преку растот на минималната плата. Но, за жал, Влдата предводена од СДСМ дозволи низ годините да нема соодветен раст на останатите плати и тоа во секторот каде што државата е работодавач, а тоа е јавниот сектор со 132.088 вработени! Парцијално, се зголемуваа плати на доктори, на наставници и на некои други категории вработени, но најголем дел од нив останаа со години со замрзнати плати и со вредност на бодовите со која не се стигнуваше до минималната плата во државата?!

Во Законот за минимална плата е утврден износот на минималната плата која со последните измени, од март е 26.422 денри во бруто-износ. Но, во Законот има и член 8 според кој: „Постојните колективни договори ќе се усогласат со овој закон најдоцна во рок од шест месеци од денот во влегувањето во сила на овој закон“. Што значи дека (барем според Законот) и приватниот и јавниот сектор до септември треба да го направат тоа усогласување, односно зголемување на платите.

Во Законот за административни службеници пак, е прецизирано точно како се формира нивната плата. Таа се состои од 3 дела: од бодови за образование, од бодови за нивото на кое е распределен административниот службеник и од дел кој следува поради стажот (минат труд). „Вредноста на бодот за пресметување на платите на државните службеници се уредува секоја година со одлука на Владата на предлог на министерот за финансии“- пишува во Законот. Е како тоа министерот за финансии (кој и да бил во актуелниот момент) не ја земал висината на плататата кога ја утврдувал вредноста на бодот?

И СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, и ДУИ и Алијанса, секој нека си погледа во својот двор. Таму се одговорите и за ниските плати на наставниците и за платите под минималната на референтитете во администрацијата, што е спротивно на закон, но и за ниските примања во приватниот сектор каде што се дозволија низа кршења на закони, а со тоа и кастрење на компонентите од платата, како на пример, минат труд, кој е облигациона обврска и за вработените во приватниот секотор.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот