ВМРО-ДПМНЕ електронски ќе попишува за да добие реален балансер

Попис. / Фото: Слободен печат

Владата најaвува и нов целосно дигитален попис што би се спровел во 2026 или 2027 година. Само кај 10 отсто од населението ќе се спроведе теренска проверка на податоците, но експерти сметаат дека тоа не може да се спроведе брзо и лесно

По најавата за фазно укинување на балансерот и експресната промена на таа алатка во делот на вработувањата во јавниот сектор да одговараат на резултатите од пописот од 2021 година исклучиво на резидентното население, Владата најaвува и нов попис што би се спровел во 2026 или 2027 година. Станува збор за реализација на целосно дигитален попис, а само на 10 отсто од населението ќе се спроведе теренска проверка на податоците.

И додека нов попис беше ветување на ВМРО-ДПМНЕ веднаш по пописот во 2021 година, кој само делумно го признаа, од владиниот партнер Вреди не добивме одговор дали се согласуваат за целосно дигитален попис. Вреди ја одмолча промената на балансерот, кога од него се тргна нерезидентното население, а министерот за здравство и претседател на дел од Алијансата на Албанците, Арбен Таравари, рече дека не е битно дали Албанците се 30 отсто или 25 отсто. Судејќи според позициите за балансерот, најверојатно Вреди немаат ништо против електронски попис. И експертите за статистика велат дека нивен сон е дигитален попис, но само ако целосно се исполнети условите.

 Надградување на системот на електронскиот регистар на население

Во програмата на Владата, во делот – Реформи во политичкиот систем – е наведено дека „во процесот на надградување на системот на електронскиот регистар на население, Владата ќе создаде услови за извршување на дигиталниот попис на население во 2026 година“.
Висок владин функционер за „Слободен печат“ вели дека е достижно во 2026 година да има нов попис и дека ќе се работи на поврзување на регистрите на населението од повеќе институции за да се добие релевантен регистар до 2026 година.

Влада на РСМ / фото: Драган Митрески – Слободен печат

– До 2026 година да се обезбедат регистрите, а 2026/27 година на 10 отсто од населението да се спроведе теренскиот дел. Нема временски ограничувања за електронски попис, тој може и секоја година да се прави, бидејќи податоците постојано се надградуваат. Целта е објективно мерење, а регистарот на население тоа ќе го дозволи. Најмногу нè интересира миграцијата, колку е движењето од помалите градови кон Скопје, движењето село – град или надвор од државата. Нема забелешки од Вреди за електронски попис Ако биде по европски критериуми и објективно спроведен, не очекуваме никакви забелешки од владиниот партнер. Пописот треба да зависи од реалноста, а не од нечии политички желби – вели функционерот.

Таравари во гостување на ТВ21 рече дека балансерот нема да се укине додека не се донесе закон за вработување според правичната застапеност и додаде дека во закон ќе фигурира процентот на резидентни Албанци во државата.

– Ние живееме во Македонија како Албанци. На последниот попис од 2021 година сме 25 отсто, вкупно со нерезиденти сме некаде околу 30 отсто, односно Албанците во Македонија се една третина или една четвртина од населението. Со ова движење, миграција на населението што се случува во Македонија, се смета дека се намалува бројот и на Македонците и на Албанците. Повеќе ме загрижува заминувањето, миграцијата, отколку во балансерот или во законот дали ќе останат 25 или 30 отсто Албанци – потенцира Таравари.

Арбен Таравари/Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Симовски: Една третина граѓани не се со точна адреса на живеење

Директорот на Заводот за статистика, Апостол Симовски, за „Слободен печат“ вели дека нивен сон е спроведување дигитален попис, но не е убеден дека до 2026 година ќе се исполнат условите што се клучни за спроведување на електронски попис.

– Има голема пречка за спроведување на електронски попис. Да немаше, ние ќе го спроведевме и во 2021 година. Клучната пречка е што пописот треба да даде слика за населението во простор, значи секој од нас како граѓанин каде точно живее. Она што кај нас се случува ако одите со регистри, тогаш морате да одите со официјалната адреса што е во нашите документи, а во огромен број случаи, повеќе од 30 отсто, таа не е соодветна на адресата каде што живееме. Тоа е клучниот момент зошто ние не тргнавме со таков вид попис. Ако сите податоци од базите на податоци добро ги поврзете, може да детектирате кој е во државата, а кој не е тука. Третиот момент што може да биде пречка е дека, според Уставот, треба да има графа за етничка припадност, а на овој начин не може да има. Ако овие услови се исполнат и ние ќе се впуштевме во една таква голема акција која исто така чини многу пари и бара голем ангажман. Ние сите сонуваме за тоа – вели Симовски.

Апостол Симовски, директор на Државниот завод за статистика, за Утрински брифинг
Апостол Симовски, директор на Државниот завод за статистика / Утрински брифинг

Според него, битни се адресите на живеење и, ако се реши тој проблем, односно ако сите извадат документи на адресите на кои навистина живеат, тогаш е можно да се спроведе електронски попис.

– Но, не верувам дека тоа може кој било да го спроведе брзо и ефикасно, особено познавајќи го нашиот менталитет. Би бил среќен до 2026/7 да се создадат услови. И сега ја даваат можноста ако сите бази на податоци се ажурирани во овој дел за кој говорам. Но, никогаш нема да ја дадат можноста за етничка припадност, бидејќи тоа е чувство и не може електронски да се документира – вели Симовски.

Тој додава дека ако се исполнат условите, воопшто и нема потреба за теренски попис. Симовски објаснува дека дигиталниот попис се спроведува во скандинавските и во други земји и дека тој е дел од стандардните методи на попишување и нема временско ограничување од 10 години како традиционалното попишување.

– Словенците електронскиот попис го прават на дневна основа, а податоците ги објавуваат квартално. На пет години објавуваат детални податоци – вели Симовски.

Добро балансерот да важи само за резидентното население и потсетува дека по пописот во 2021 година, тој веднаш реагирал дека алатката треба да се однесува само на граѓаните што живеат тука – поентираше Симовски.

Интересно е да се потсети дека во Владата на Димитар Ковачевски по пописот имаше разидување кое население треба да биде таргетирано со балансерот. Додека тогашниот премиер и СДСМ сметаа дека треба да се таргетираат само резидентите, но ништо не преземаа, ДУИ и Алтернатива во балансерот ги сметаа и нерезидентите. Впечатливо е дека тогаш министерот за информатичко општество Адмирим Алити од Алтернатива, која сега е во Владата на Мицкоски, пресмета дека во државните институции ќе се вработуваат 31,54 отсто Албанци, иако според бројките од последниот попис, Албанците се 24,3 отсто од резидентното население.

ВМРО-ДПМНЕ пред и по пописот имаше повеќе забелешки и уште тогаш најави дека по доаѓање на власт, ќе спроведе електронски попис со кои ќе се добијат целосни и релевантни бројки и проценти за резидентното население во Македонија. Тие оценија дека пописот е нецелосен и со многу неправилности и не ја покажува реална слика за популацијата во државата. Забележаа дека 132.000 Македонци се непопишани, дека е направен целосен хаос во графата за религиска припадност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот