Владини тапани после свадбата со „Бехтел и Енка“

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Договорот со „Бехтел и Енка“ полека, но сигурно, се претвора во нов тест за Владата, особено за онаа половина што ќе седне на преговарачката маса со конзорциумот, ако воопшто допрва, по донесениот закон, се преговара.

Договорот со „Бехтел и Енка“ не престанува да ја бранува јавноста. Уставниот суд пресече дека нема потреба да се поведе постапка за оценување на уставноста на законот, кој овозможува без тендер да се избере овој американско-турски конзорциум за градител на автопатите на коридорите 8 и 10. Но, Сојузот на синдикати повторно ќе го праќа законот пред Уставниот суд затоа што во него постоела одредба со која се дозволува работно време од 10 часа дневно, односно од 60 часа неделно!

Откако пратениците дадоа зелено светло за Законот за утврдување јавен интерес и за номинирање на стратешкиот партнер, допрва треба да се потпише конкретен договор. Владата од петни жили се обидува да ја убеди јавноста дека договорот ќе биде транспарентен, дека ќе биде согласно нашата регулатива, па и во однос на работното време – ако се работи прекувремено, дека тоа соодветно и ќе се плати.

Нивните убедувачки напори деновиве кулминираа со објавувањето на веста за формирање на Комитетот за преговори и преговарачкиот тим за имплементација на проектот. Во Комитетот е половина Влада! Таму е првиот вицепремиер Артан Груби, вицепремиерите Љупчо Николовски и Фатмир Битиќи, министрите за финансии Фатмир Бесими, за животна средина Насер Нуредини, за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, за економија Крешник Бектеши, за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на ЈП „Државни патишта“ Ејуп Рустеми.

Договорот со „Бехтел и Енка“ полека, но сигурно, се претвора во нов тест за Владата, особено за онаа половина што ќе седне на преговарачката маса со конзорциумот, ако воопшто допрва, по донесениот закон, се преговара. Дали министрите и вицепремиерите, секој од своја област, ќе успеат да бидат доследни и професионални? Дали навистина ќе има заштита на работничките права и на животната средина?  Дали вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата. Љупчо Николовски ќе гарантира дека зделката во „четири очи“ нема да донесе повисока цена за градењето од реалната? Или, пак, сево ова ќе биде во стилот „после свадба, тапани“?

Ако се погледа портфолиото на конзорциумот „Бехтел и Енка“ и ако го фрлиме нашиот багаж од минатите коруптивни зделки, може да најдеме и оправдување зошто со директна спогодба се избра компанија што ќе ја гради новата инфраструктура.  Американската „Бехтел“ постои од 1898 година, комплетирала 25.000 проекти во 160 земји. „Бехтел“  ги градеше и автопатите во Косово и во Хрватска, а сега гради во Србија. Кај нас влегува во конзорциум со турската компанија „Енка“, која гради патишта од 1958 година, а во седумдесеттите години го изгради автопатот во Анадолија, а подоцна и Гереде-Анкара.

Но, тоа е едната страна на медалот. Компанијата „Бехтел“ која ги добива зделките во регионот, постојано ја следат скандали поврзани со лобирања и со цена. Во 2014 година медиумите пишуваа: Кристофер Дел, дипломат од кариера, кого Барак Обама го назначи за претставник на САД во Приштина, е вработен од страна на корпорацијата „Бехтел“ на која тој ѝ помогнал да го добие договорот за изградба на автопатот до соседна Албанија. Хрватските медиуми, пак, известуваа дека „Бехтел“ изградил една делница без тендер во 1998 година, но кога хрватскиот шеф на дипломатијата лобирал за втор договор, се открило дека тој претходно работел за вашингтонската правна фирма што имала договор за лобирање со „Бехтел“. Под притисок на ЕУ, Хрватска се откажа од директно договарање и отиде на јавен тендер.

Нашата Влада сигурно дека сето ова го знаела. Сега е на ред да докаже дека „Бехтел и Енка“ се тука поради својата професионалност, а не поради лобирањата што секогаш се поврзани со некакви проценти за некого. Македонскиот народ се изнагледа тендер-мајстори, она што му недостига е да види нова, развиена инфраструктура што ќе остане и за следните генерации, така како што нашите „стари“ ги изградија автопатите по кои се уште возиме.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот