Владата повторно ќе ги намалува коефициентите за функционерските плати?

Седница на Владата / фото: Влада

Доколку навреме не се донесе нов закон за платите во јавниот сектор, намалувањето на коефициентите за пресметување на функционерските плати е една од мерките што ќе се разгледуваат, велат од Министерството за јавна администрација

Владата нема наскоро да изготвува нов закон за систем на платите во јавниот сектор, а за да се заузда растот на платите во функционерите што следува од јануари, една од мерките што ќе се разгледуваат е повторно намалување на коефициентите со кои се множи основицата при пресметката, велат од Министерството за јавна администрација за „Слободен печат“.
Според актуелниот Закон за платите на избраните и именуваните лица, основица за пресметка е просечната годишна плата од претходната година, која се множи со коефициент според сложеноста на работното место. Доколку не се намалат коефициентите, платите на функционерите од јануари 2025 година повторно ќе се зголемат во согласност со растот на годишната просечната плата, и тоа од околу 330 евра за највисоките функционерски плати – за премиерот, претседателот и спикерот, до околу 130 евра за најниските функции.

МЈА: Владата не го поддржува растот на функционерските плати

Од Кабинетот на министерот за јавна администрација Горан Минчев велат дека Владата не го поддржува растот на функционерските плати.

– Имено, ова начело е во надлежност на Министерството за финансии, кое е одговорно да обезбеди фискалните ресурси да се распределат на начин што ќе биде од корист за поширокиот јавен сектор. Приоритетите на Владата на Република Северна Македонија се посветени, пред сè, кон одржување на фискалната стабилност, но и спречување на непропорционалните зголемувања на платите на функционерите. Во рамките на овие приоритети, и доколку навреме не се донесе нов закон, намалувањето на коефициентите за пресметување на функционерските плати е една од мерките што ќе се разгледуваат – велат од Министерството за јавна администрација за „Слободен печат“.

Платите на сите вработени во законодавната, извршната и во судската власт, во локалната самоуправа, на избраните, именуваните и назначените лица, како и во трговските друштва во целосна државна сопственост, треба да се регулираат со нов закон за систем на плати во јавниот сектор, кој го најавуваше и минатата влада, предводена од СДСМ, но не го донесе до крајот на мандатот, со образложение дека е сложен и дека треба да се изработува цела година.

На прашањето дали Министерството за администрација ќе подготвува целосно ново законско решение или ќе се искористи предлогот за закон на систем на плати во јавниот сектор на поранешното МИОА, кој во 2022 година беше поставен на електронскиот регистар на закони ЕНЕР, велат дека во моментов активно работат на три други закони, но не и на тој.

– Министерството за јавна администрација, според законските надлежности, активно работи на законите што беа повлечени од собраниска процедура, а тоа се предлог-законот за административните службеници, предлог-законот за вработените во јавниот сектор и предлог-законот за стручно усовршување и обука на административните службеници, преку отворање на широки јавни дискусии за овие закони, а со цел сите засегнати страни да го дадат својот импакт преку свое мислење и придонес. Во таа насока, МЈА се стреми кон креирање нова законска рамка, која ќе го подобри управувањето со човечки ресурси во администрацијата и ќе обезбеди вработувања и унапредувања засновани на заслуги. Предлог-законот за систем на плати во јавниот сектор во овој момент не е во планот за работа на новоформираното министерство, имајќи ги предвид значајните предизвици со кои се соочивме, пред сè, како Влада, а тука се мисли на катастрофалната состојба на буџетот. Максимално сме фокусирани на тоа секоја законска рамка да се усогласи со приоритетната цел на Владата, која предвидува зголемување на платите и на пензиите за граѓаните, но не и за функционерите – велат од МЈА.

Или коефициентите надолу или платите нагоре!

Во врска со тоа кога може да се очекува новиот закон со кој ќе се воведе ред во системот на плати во јавниот сектор, особено што според актуелните законски решенија платите на избраните и именуваните функционери од јануари ќе пораснат и до 330 евра, од МЈА се со став дека е неопходно да се воведе ред, но за изработката на новиот закон се засегнати повеќе министерства, кои ќе треба да се произнесат според своите надлежности.

– Земајќи ја предвид сегашната практика, Министерството за јавна администрација ќе се заложи процесот на донесување и на овој закон да го надгради преку активно и партиципативно вклучување на целата академска заедница, стручната јавност и надлежните институции – велат од Министерството.

Од Владата ниту денеска не одговорија дали сметаат дека е во ред од јануари функционерите да добијат ново покачување, дали ќе подготвуваат нов закон или ќе се земе предвид решението од 2022 година, според кое основица за пресметување е минималната плата и дали планираат да го „пресретнат“ зголемувањето на актуелните плати во јануари со ново намалување на коефициентите.
Платите на функционерите беа зголемени за 78 отсто во март 2023 година откако Уставниот суд ја укина фиксната основица (22.567 денари), која беше предвидена во Законот за плати на избраните и именуваните лица, а на сила како основица остана просечната плата од претходната година, која за 2022 изнесуваше 31.859 денари. За да не се зголемат платите и во оваа 2024 година, според просечната плата за 2023 година од 36.614 денари, претходната власт во февруари годинава со измени на шест закони ги намали коефициентите за пресметка, кои од распон од 2,2 до 4,5, беа намалени на распон од 1,91 до 3,92, со што платите на министрите, судиите, градоначалниците и на другите функционери останаа на ниво како по зголемувањето од 78 отсто. Ако не ги намалеа коефициентите, платите ќе им пораснеа за нови 200 до 400 евра! Просечната плата за 2024 година се очекува да биде околу 41.000 денари, па ако Владата повторно не ги намали коефициентите, платите во јануари ќе им се зголемат за 330 евра за највисоките, односно за 130 евра за најниските функции. Како илустрација, основната плата на премиерот Христијан Мицкоски сега изнесува 140.450 денари, а од јануари доколку не се намалат коефициентите, ќе изнесува 160.720 денари, плус разни додатоци и надоместоци. Функционер со коефициент 3 ќе зема плата зголемена за 13.150 денари, а со коефициент 2 зголемена за 8.700 денари.

За февруарското намалување на коефициентите со кои се стопираше растот на платите на сите 1.060 функционери, реагираа само судиите и обвинителите, кои тоа го обжаалија пред Уставниот суд, но Судот не ги укина законските измени, со образложение дека се уставни.

Од 130 до 330 евра ќе се зголемат функционерските плати од јануари, ако не се смени или законот или коефициентите

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот