Владата најави разрешување на раководството на М-НАВ: Македонска навигација под специјална опсервација

Александар Тасевски, претседател на Синдикат на контрола на летање Фото: МИА

Ќе се отвори итна постапка за избор на нови членови на раководството и на Управниот одбор во јавен, транспарентен и законски пропишан процес, соопшти Владата по инцидентот во четвртокот

Веќе во вторник целото раководство и сите членови на Управниот одбор ќе бидат разрешени и ќе се отвори итна постапка за избор на нови членови на раководството и на Управниот одбор во јавен, транспарентен и законски пропишан процес.

Вака реагираше Владата завчеравечер, на иницијатива на премиерот Димитар Ковачевски, во обид за итно разрешување на кризата во Македонска навигација (М-НАВ).
Се очекува Ковачевски и да ги повика Јавното обвинителство, ДКСК, Државниот завод за ревизија, Финансиската полиција и меѓународните тела за контрола на авиосообраќајот да направат целосна ревизија на досегашното работење на М-НАВ.

Приведен Беким Незири, висок функционер на ДУИ

И покрај жестоките реакции во јавноста за инцидентот во М-НАВ, во кој неколку лица насилно упаднале и физички нападнале контролор на летање во објектот од кој се надгледува и осигурува безбедноста на авиосообраќајот над Македонија, од полицијата до вчера напладне сè уште немаше пријава до Јавното обвинителство за упадот. Од Обвинителството рекоа дека чекаат пријава од МВР.

„Во моментот се преземаат дејства за расчистување на настанот. Основното јавно обвинителство Скопје очекува кривична пријава од Министерството за внатрешни работи, а за натамошната постапка соодветно ќе ја информира јавноста“, соопштија од Јавното обвинителство.

„Слободен печат“ го праша Обвинителството дали почнале истрага за упадот во контролата на летање на скопскиот меѓународен аеродром, што презеле досега, кое е делото што го извршиле насилниците и според кои членови на Кривичниот законик ќе се гонат?

МВР во четвртокот навечер ја извести јавноста дека во полициска станица се наоѓаат четири лица инволвирани во нападот врз вработени во М-НАВ.

„Нападот беше пријавен на 4 јануари околу 15.15 часот и со нив се вршат службени разговори, по што во координација со ОЈО ќе бидат поднесени соодветни поднесоци. Исто така, се преземаат мерки за пронаоѓање на уште четири лица. Ја известуваме јавноста и дека МВР во наредниот период континуирано ќе ја обезбедува зградата на М-НАВ“, соопштија од МВР.

Во меѓувреме, ТВ Телма објави дека претседателот на партискиот огранок на ДУИ во Чаир, Беким Незири, кој ги отвори вратите пред радарската кула и кој им овозможи на насилниците да влезат во зградата на М-НАВ, бил приведен во полициска станица откако со часови бил недостапен за полицијата.
Од Министерството за транспорт и врски за „Слободен печат“ велат дека во соопштението од Владата е сè кажано, бидејќи „Владата е таа што именува и разрешува директори во оваа институција“.

Контролорите на летање добија поддршка од Делегацијата на ЕУ во Македонија

ВМРО-ДПМНЕ: Обвинителство да поднесе обвинение за кривично дело насилство

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ оценија дека до насилниот упад во Македонската навигација дошло откако претходно се извршил притисок врз претседателот на Синдикатот на контролорите на летање, Александар Тасевски, кој бил повикан во полициска станица со образложение дека упатил закани до двајца од тројцата директори на М-НАВ.

Тие побараа од Јавното обвинителство да поднесе обвинение за кривично дело насилство против лицата што упаднаа во објектот и заедно со еден од вработените нападнаа други двајца вработени во институцијата.

 

Ќе се затвори ли небото над Македонија? Контролорите на летање подготвија депонирани оставки

Дојче веле објави дека министерот за транспорт Благој Бочварски лани, на 27 декември, му доделил благодарница на менаџментот на М-НАВ за придонес за одлично остварени резултати во авиосообраќајот. Благодарницата, според ДВ, дошла две недели по скандалот со огласите за несуштински и партиски вработувања во М-НАВ, на кои остро се спротивстави Синдикатот на контролори на летање, но и по синдикалната реакција поради прием на инженери без селекција и тестирање. Менаџментот во повеќе наврати ги отфрлаше сите забелешки на синдикалците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот