Владата ќе зајми нови пари за да ја преброди енергетската криза, Ковачевски очекува „позитивна вест“ од кредитори

Димитар Ковачевски, фото: МИА

Премиерот Димитар Ковачевски вечерва изјави дека Владата продолжува со „економската активност“ за обезбедување финансии за справување со енергетската криза, и дека има позитивни очекувања од преговорите со Меѓународниот монетарен фонд околу ова прашање.

„Владата работи на тоа да продолжи економската активност, да се поддржат најранливите категории граѓани, да се одржи ликвидноста и на Буџетот и на стопанството воопшто“, рече Ковачевски во гостувањето на ТВ21.

Тој додаде дека за нови заеми не преговараат само со ММФ, туку и со други финансиски институции и кредитори.

„Сметам дека во наредните денови министерот за финансии ќе има позитивна вест и за економијата и за Буџетот и за граѓаните во поглед на преговорите со Меѓународниот монетарен фонд и преговорите со другите финансиски институции и кредитори“, рече Ковачевски.

Од првично планираното задолжување, кое во буџетот за годинава беше одредено на 787 милиони евра, со ребалансот од летово сумата за заеми речиси се удвои, на 1,5 милијарди евра, што е речиси една третина од вкупниот буџет на државата за годинава (4,4 милијарди евра).

Владата во последните неколку недели беше активна на кредитните пазари – на крајот на септември, таа објави дека ќе ја задолжи државата за 250 милиони евра преку издавање германската позната како НСВ (Namensschuldverschreibungen). Со овие пари ќе се отплаќаат стари долгови кои доспеваат и ќе се финансираат буџетски потреби, соопшти Министерството за финансии.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот