Вклучила „флешери“ за да избегне гужва на пат: Оставка на Македонката-словенечка министерка

Словенечката министерка за дигитална трансформација Емилија Стојменова-Дух, која е родена во Македонија, поднесе оставка откако се најде под силен притисок на јавноста поради неовластено користење сигнални светла на својот службен автомобил во Австрија. За нејзиниот случај денеска требаше да се расправа во Словенечкиот парламент и да се гласа за доверба.

Премиерот Роберт Голоб ја прифати оставката на министерката.

Според телевизијата „Н1“, министерката недозволено користела т.н. „флешери“ на својот службен автомобил додека била на службен пат во Австрија пролетоска. Таа наводно брзала за да фати авион за Женева.

Словенечките медиуми објавија дека Стојменова-Дух и нејзиниот возач заглавиле во сообраќаен метеж на автопатот близу Хартберг и со цел да поминат побрзо, ги вклучиле сигналните светла на автомобилот. Според министерството за надворешни и европски работи, тоа било чисто кршење на правилата.

Според извештаите, тоа не бил единствениот сообраќаен прекршок што го направил возачот на министерката на патот за Виена, зашто камерите ги фатиле и за пребрзо возење.

Реакцијата на Стојменова-Дух исто така ја налути јавноста. Таа прво ги нападна медиумите дека има многу невистини во нивното известување, тврдејќи дека никогаш не побарала од возачот да ги вклучи сините светла, ни дома, ни во странство. Но, подоцна тоа мораше да го признае.

Стојменова-Дух е родена во Виница во 1985, а во Словенија се преселила по завршувањето на средното училиште. Таа во јуни 2022 стана министерка за дигитална трансформација во владата на Роберт Голоб. Стојменова-Дух е доктор на науки, а во професионалната биографија има значително научно-истражувачко искуство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот