ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Волонтери на Црвен крст: Луѓето се изнендени кога им даваме шише со вода

Волонтери на Црвен крст/ фото: Методиј Здравев/ Слободен печат

За  волонтерите Валентина Стефановска, Тијана Мировска, Анид, Аријан и Арѓент овие денови додека Скопје е во портокалова фаза, не се едноставни. Во најтоплиот дел од денот излегуваат со цел да му подадат шише со вода на секој што ќе го затекнат.

Волонтери на Црвен крст/ фото: Методиј Здравев/ Слободен печат

Овие херои не го гледаат тоа како потешкотија, напротив, години наназад се дел од оваа акција на Црвениот крст. Секој работен ден од 11 до 16 часот се меѓу граѓаните за да пружат прва помош, покрај шишето со вода, мерат притисок, а ранецот со медикаменти им е подготвен во случај да е потербно некаде да се даде прва помош. Оваа акција дополнително вклучува и транспорт на лице кое се чувствува немоќно.

Волонтери на Црвен крст/ фото: Методиј Здравев/ Слободен печат

„Слободен печат“ влезе во автомобилот на Црвен крст заедно со нив, со цел да ви пренесеме одблизу како изгледа оваа активност.  Нè возеше Валентина која е десет години волонтерка.

– Многумина се изненадени кога ќе им го подадеме шишенцето, мислат дека се плаќа, се чудат. Повозрасните секогаш нè поздравуваат со некој убав збор дека се благодарни што сме помислиле на нив, велат: Алал да ви е на топлото што го правите ова – вели волонтерката Валентина Стефановска, која е десет години дел од Црвениот крст.

Тијана Мировска е пет години волонтерка и пред нашата камера раскажува за искуствата што ги има при оваа акција.

 – Понекогаш граѓаните знаат да кажат: Е, баш планирав да си купам вода и се појавивте вие. Речиси секој реагира изненадено кога ќе му пријдеме. Позитивни коментари добиваме, бидејќи ние даваме шише со вода на секој  што ќе го сретнеме, не бираме пол, возраст – вели таа.

По околу 600 шишиња вода се делат дневно на граѓаните кои ќе бидат затечени од волонтерите. Оваа акција постои над 15 години, успешноста на оваа хуманитарна активност покажува дека на некој начин луѓето се навикнаа да не излегуваат од дома без вода, но сепак многу убаво реагираат на тоа кога ќе им подадеме шишенце со вода, вели за „Слободен печат“ Арѓенд Чиљафи, стручен соработник за подготвеност и дејствување при катастрофи.

– Совети за тоа како да се заштитите од топлотниот бран, бесплатно шише со вода, нашиот тим се состои и од лекарска помош. Денес се излезени три екипи кои ќе им помогнат на граѓаните да се справат со горештините. Донацијата за бесплатната вода е благодарение на општествено- одговорната компанија „Државна лотарија“, секоја година донацијата е од различен спонзор. За оваа недела се ангажирани 13 екипи, 39 волонтери и 2300 шишиња со вода. Следната недела акцијата продолжува со зголемен тим – вели Чиљафи.

Црвен крст/ фото: Методиј Здравев/ Слободен печат

Не се случило волонтерите да пријават некои посериозни интервенции, најчесто се соочуваат со ситуации на самото место да измерат притисок или да превезат некоја изнемоштена личност до дома.

– Досега имаме 20 интервенции и асистенции, и тоа од полесен карактер, совети, мерење  притисок. Досега имаме извршено три транспорти до нивните живеалишта, се работи за постари лица кои се затекнати на автобуска постојка директно изложени на сонце – вели тој.

Волонтерите велат дека во периодот кога е најтопло на автобуските постојки забележуваат многу луѓе, понекогаш и по 60-тина.

Волонтери на Црвен крст/фото: Методиј Здравев/Слободен печат

Погледнете во видеото како се подготвуваат и како изгледа акцијата на волонтерите од Црвениот крст.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот