ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Трипков: Македонија ќе добие бренд на облека за лица со попреченост

Гере Трипков/Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Колку е тежок животот на лицата во инвалидски колички? Колку градот е подготвен да ги прими во сите институции? Има ли доволно пристапни рампи за лицата со попреченост во државните и јавни установи? Има ли во државава некој што продава облека за лицата со попреченост? Утрово во емисијата „Слободен печат“ одговор побараме од Гере Трипков, мотивациски говорник, претседател на Здружението „Икуалити“ и основач на „ЗЕН Футурус“. Тој објаснува дека бил на едната страна, нормално живеел и функционирал, сега е на другата, лице со попреченост. Неговата лична приказна ја започнува со зборовите дека животот не му завршил во количка, туку напротив, допрва му почнал.

-Јас сум роден со состојба, која се вика артериовенозна малформација на ’рбетен столб со која луѓето живеат најнормално во текот на целиот живот, а не се свесни дека ја имаат, доколку таа не се манифестира на еден и на друг начин. На 29 години, веќе ги имав сериозните симптоми, како парализа на нозете, топло, ладно чувство и тогаш открив дека ја имам ова состојба. И убаво кажавте дека јас фактички ги знам и двете страни, како е да си лице коешто немало попреченост и функционирало најнормално и лице кое еве веќе 12 години функционира во инвалидска количка – вели Трипков.

Гере Трипков/Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Тој во 2019 година, почнал да размислува како може да помогне со неговото животно искуство.

– Целта ми беше како да го отвориме општеството за лицата со попреченост коишто изнесуваат од 15% до 20% од вкупното население. И одлучив дека е време да основам свое здружение, преку коешто ќе работиме прво на подигање на свеста, потоа ќе работиме мотивациски на лицата со попреченост коишто се во слична состојба и на нивната најблиска околина – вели Трипков.

Тој вели дека кога сте лице со попреченост во Македонија, не знаете како локациски, треба да стигнете некаде. Никогаш не знаете дали паркинг местото коешто е обележано за вас, ќе виде слободно. Никогаш не знаете дали институцијата кај што се упатувате има рампа. Никогаш не знаете дали ќе ви треба некаква асистенција или не.

– Јас обично тоа го правам секогаш индивидуално и пробувам да истражам каде одам, по кој пат се движам, макар и тоа да се јавни институции каде што одам прв пат. Секаде стои технички дека има пристапна рампа за нас меѓутоа колку е достапно тоа-вели Гере.

Тој објаснува дека законски постојат одредби коишто велат дека во секоја зграда којашто се гради, мора да има пристапна рампа.

– Скоро никаде нема рампа пропишана со закон. Ова е поради тоа што некои правила се наследени од претходно. Во поново време има претежно културни институции, коишто се грижат за лицата со инвалидитет. Но ако има рампа, нема лифт од паркингот. Пристапно е во централното градско подрачје, пристапни се само поголемите општини- вели Трипков.

Во моментов работи на решавање на еден голем проблем, а тоа е облека за инвалидизирани лица.

Гере Трипков/Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

– Најпрво, ќе почнам од моето минато, бидејќи во минатото кога не бев хендикепиран, работев како модел долги години, 11 години во странство, доста пропатував и ја запознав модата од таа страна. Оно што ми беше желба е да го спојам тоа искуство со мојата состојба, коешто како искуство ќе се вклопи во еден проект каде што на овие лица ќе им овозможиме поквалитетен живот-вели Трипков.

Тој објаснува дека лицата со попреченост обично се облекуваат многу подолго од лице коишто нема попреченост.

– Доколку не едно лице му е потребно да се подготви и да се облече 5 минути,на лице со попреченост, како мене, потребни се минимум 10 минути. Што значи дупло време користиме. И сега вие ако го мултиплицирате тоа во текот на денот 2-3 пати облекување, рачунајте дека ви треба половина час до час само во ова функција. Фактички со нашиот проект или бренд којшто веќе функционира ќе се потрудиме да го надминеме ова прашање и да им помогнеме на лицата со попреченост, но и на оние што се во нивна најблиска околина, асистентите и секако родителите и старателите. Мора да кажам дека ова е нешто што не е познато ниту во регионот, значи нема компанија која тоа го прави. Имаше некои обиди, но тоа не заживеа. Во целиот свет постојат триесетина компании кои произведуваат облека за лица со попреченост, а околу пет компании сериозно ова го прават и веќе со години се на пазарот-вели Гере.

Во септември најавува и модна ревија. Собрале донација да сошијат 30 комплети за 30 лица од Македонија.

– Тие ќе се шијат по мерка што значи дека ќе бидат идеално скроени, ќе користиме само затварачки системи нема да има патенти нема да има копчиња коишто се тешко за затворање. Таа облека ќе им биде подарена на овие лица и потоа ќе се обидеме ова да го пренесеме брендот на регионално и на светско ниво-вели Трипков.

Колекцијата ќе има јакни, кошули, пантолони и здолништа за жени.

Целото интервју погледнете го во продолжение:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот