ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Тошковски: Толку дрога по улиците немало никогаш, мора да ги тргнеме криминалците од полицијата

Панче Тошковски / Фото: Слободен печат / Методи Здравев

Кој ја носи дрогата на македонските улици, а кој е одговорен за убиствата поради крвна одмазда? Кога треба да ги очекуваме првите фотографии за казни од „сејф сити“ камерите, се нормализира ли издавањето на пасоши по редовна постапка? Атрактивна ли е сè уште балканската рута за имигрантите и колку ни е безбедна границата кога не работат термалните камери? За овие, но и за други прашања одговор побаравме од министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

Тој вели дека поставувањето на камерите е при крај и ова е проект кој е многу значаен за земјава во целост.

– „Сејф сити“ е проект кој е од круцијален интерес за Македонија, првично за Скопје како центар, секако за Тетово и Куманово. Но, Скопје е главниот фокус, половина од Македонија е во Скопје, половина од прекршоците се во Скопје. Сметам дека ако можеме да возиме во рамки на дозволена брзина во Австрија и во Германија, можеме да возиме со дозволена брзина и во Македонија. Целта е да се намали бројката на смртни случаи како последица на небезбедно возење – вели Тошковски.

Според него, ова не значи исклучување на полицајците од контрола по улиците, тие мора да бидат присутни на терен.

– Полицајците ќе ги има, сакам да ги има во зголемен број. Враќањето на позорникарите е следна цел. Мора да најдеме начин како да ја доближиме полицијата до граѓаните – рече министерот.

Панче Тошковски / Фото: Слободен печат / Методи Здравев

Што се однесува до првите казни од камерите за „Безбеден град“, министерот вели дека до крајот на оваа година ќе имаме функционално и законско решение коешто ќе биде апликативно за функционирање.

– Не би сакал да си дозволиме да го воведеме, да се стави во функција, а притоа да имаме проблем со доставување на казните. Задолжително ќе мораме да имаме период на адаптација, јас би го нарекол превентивен период каде што би укажувале, би опоменувале, но тоа да не трае до бескрај. Мислам дека е разумен период од 30-тина дена. Јас би сакал да профункционираме од Нова година – вели министерот.

За убиството во Батинци вели дека Министерството мора да внимава со каква информација, со каков став излегува во јавноста. Засега, додава, имаат конкретни информации, има индиции, но не би можел во оваа фаза од постапката да каже повеќе. Најави жестока борба против овој тип на насилен криминал којшто во изминатите години бил многу зачестен.

Тошковски вели дека во МВР фалат многу работи, фали човечки кадар кој е обучен и стручен во делот на форензичари, луѓе од хемиската област кои се експерти, машинска струка и професионалци од информатичките области, фалат пилоти.

– Она што е моја болка е освен организиран криминал и висока корупција, од аспект на соодветен фокус во делот на технички ресурси и човечки ресурси, коишто треба да ги фокусираме, се управните служби. Тоа е сè што е поврзано со лични карти, пасоши, возачки дозволи. Треба да имаме систем на функционирање. Се надевам дека после четири години, ќе имаме систем што функционира. Без оглед дали ќе биде прв на институцијата кадар којшто доаѓа од десница или доаѓа од левица или не знам, доаѓа од некоја центропартија – вели Тошковски.

Околу корупцијата, како што кажа, има ист став кон сите. Објаснува дека и во техничката влада покажале дека законот важи исто за сите.

Панче Тошковски / Фото: Слободен печат / Методи Здравев

– Покажавме дека нема да има недопирливи и покажавме дека дури и во таков технички период, може да се работи професионално во делот на надлежноста на МВР. Ама мора да има резултат. На крајот народот мора да види дека во рамки на вистината, врховен судија одговара доколку рекетира. Член на Совет на јавни обвинители ќе одговара доколку стори нешто што е незаконско. Па и министер кој ќе стори нешто незаконско, ќе одговара. Едноставно, треба вистински да се бориме против овие несакани работи, за да можеме да го направиме тоа што е од интерес на сите, а тоа е за одреден временски период да се гордееме со земјата во која живееме – рече министерот.

За пасошите изјави дека се издадени повеќе од 400.000 пасоши за периодот што тој го менаџира како министер за внатрешни работи, и во техничка влада и сега. Засега се чека за издавање на пасош по редовна постапка, но за два месеци сè ќе се нормализира.

– Тие што ќе се фотографираат во септември, ќе го земаат пасошот за 15 дена. Тоа е реалноста сега, ако се зголемат бројките, пак нема да го запазиме законскиот рок. Меѓутоа, во рамки на очекувањата, би требало во септември веќе да имаме нормален законски рок од фотографирање за 15 дена да имаме издавање. Во итна постапка, граѓаните кои имаат потреба можат да обезбедат пасош за вкупно четири дена – вели министерот.

Според него, состојбата со количините на дрога што ја има по улиците е катастрофална.

– Секој еден граѓанин скопјанец, битолчанец, ресенчанец, кавадарчанец, тетовец, ако го прашате каква е ситуацијата на терен во овој контекст, ќе ви кажат дека е катастрофална. Колку што сега има дрога на улица, немало никогаш. Количеството на дроги на улица во  последните 4 години е фрапантно – вели Тошковски.

Околу безбедноста на границите смета дека таму мора да се посветат најмногу.

– Тоа значи дека ќе имаме еден центар, од којшто ќе се употребуваат технички уреди, термални камери, дронови. Ќе се дејствува со мобилни екипи од внатрешноста, за да може длабински да се покрива, особено зелената граница, да имаме вистинска контрола и реална слика за фактичката состојба на границата. Дали досега тоа е ненаправено од немукает на претходните министри или заради тоа што така му одговарало на некој, ќе видиме – вели Тошковски.

Според него, ако сакаме да имаме вистински увид на фактичката состојба и вистинска борба против нелегална имиграција, вистинска борба против трговија со одредени нелегални работи, мора да се работи.

– Ќе дадам еден пример, само краток. Многу од овие несакани насилни кривични дела коишто биле во минато, биле преземени од страна на поединци, луѓе коишто не се македонски државјани, кои влегуваат од соседните држави по диви рути, сторуваат тоа што сторуваат и после тоа повторно по истата рута се дислоцираат од државата – додава Тошковски.

На прашањето дали сака да каже дека тоа се луѓе што доаѓаат од соседните држави, прават убиства и си одат, тој објаснува дека немало никаква контрола последните 3-4 години, не се знае кој влегува и кој излегува од државата, по мигрантски рути или спорни патишта.

– Управните служби ми беа и ќе ми бидат фокус и во иднина. Тоа е лицето на Министерството. Еден граѓанин мора да има достоинствен начин за да пристапи до Министерството за внатрешни работи за остварување на одредено право. Дали е тоа, не знам, лична карта, возачка дозвола, државјанство, поврзано со одредени документи и така натаму. Мора да имаме еден достоинствен сервис кон граѓаните. Мораме ние да имаме функционална употреба на бројот на луѓе коишто ги имаме во рамки на Министерството и секако ќе мора да внесеме луѓе, професионалци од одредени области каде што ни фалат луѓе. И секако, мора да ги решиме и криминалците во полицијата, затоа што има и такви, народот добро го знае тоа, за да си ја нормализираме држава – рече Тошковски.

Целото интервју на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски погледете го во продолжение:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот