ВИДЕОИНТЕРВЈУ| Петковски: Грумингот стана професија, се образоваат кадри и во Македонија

Илија Петковски/ фото: Слободен печат / Драган Митрески

Грумингот или стилизирањето на миленици официјално стана професија во нашата земја. Во последните години се бележи подем на интересот за груминг, денес има над 60 салони низ цела држава, а сè почесто се отвораат и нови. Неодамна беше основана и Асоцијација на стилисти за миленици и Академија за стилисти на миленици „Туту“.

Основачот на асоцијацијата, првиот човек на академијата за стилисти за миленици и сопственик на салонот „Туту“, Илија Петковски, за „Слободен печат“ вели дека одговорното сопствеништво за разлика од пред десетина години е на многу повисок степен, но воопшто и самата индустрија за миленици е во чекор со развиените земји, дополнително регулирањето на оваа професија како занает, носи бројни придобивки.

– Ова е од голема важност пред сè за нас професионалците, бидејќи најпосле успеавме да се избориме за своите права. Од сега па натаму ќе можеме да работиме на многу девијации кои порано беа честа појава кај нас, како на пример седација на миленици за да се изврши груминг третман. Полека почнуваме да наметнуваме нови стандарди, на пример за разлика од порано сопственикот може да влезе во салонот да види кој и како му го средуваат кучето, да поразговара со грумерот итн. Стануваме тарнспарентни што и тоа како има огромно влијание врз развојот на одговорното сопствеништво – вели Петковски.

Илија Петковски/ фото: Слободен печат/Драган Митрески

Според Петковски секое куче мора да биде чипирано и мора сериозно да се работи на ова.

– Ние преку Асоцијацијата на стилисти за миленици сме во процес на имплементирање на Европската платформа за идентификација на миленици. Освен чипот што ги содржи основните информации околу сопственикот и кучето, оваа платформа има за задача да ги верификува и валидира податоците, но во исто време и да го зголеми обемот на податоците. Нуди можност да се направи слика, видео од кучето, болести итн. на тој начин ќе помогне во иднина да се евидентираат подетални податоци за кучето. И вие и покрај тоа што немате читач преку Кју-ар код, без да одите на ветеринар, ќе можете да стигнете до податоците за кучето. Со еден збор тоа ќе биде како една лична карта за кучето-појаснува Петковски.

Петковски од неодамна основаше и Академија за стилисти на миленици, вели дека вратите се отворени за секој кој ги сака животните.

– Лесно се станува грумер, секој може да ја работи оваа професија, само треба да ги сака животните. Ние досега во нашата академија сме имале и банкари, од различни општествени области луѓе станаа стилисти, исто така и од различни класи. Вратите на академијата се отворени – вели тој.

Целиот разговор погледнете го во продолжение:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот