ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Мирослав Масин: Јас сум задоволен како Римско Царство со подеми и падови

Мирослав Масин / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

И покрај сите трансформации и иновации што ги претрпе уметноста во долгата еволуција на современиот свет како дигиталната и виртуелната уметност, и вештачката интелигенција, сликарството опстанува, но и еволуира…

Човекот треба да биде опкружен со уметност и да ја ужива во сите нејзини форми. Уметноста е составна и неопходна карика од културно-општествениот живот на секоја земја. Таа го издигнува и поединецот и општеството на едно повисоко ниво.

Во оваа епизода на „Слободно со Агнеса“ гостувавме во домот на македонскиот уметник на современата уметност Мирослав Масин кој е добро познат по неговиот интензивно-колоритен експресионизам. Како и Пикасо, неговите почетоци биле реализам, постепено, креирајќи го неговиот сопствен печат.

Мирослав Масин / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Експрeсионизмот има два главни принципи: „нема закони“ и „законите не треба да бидат наметнати“. Во рамките на експресионизмот уметникот се обидува да ги обликува своите чувства, своите душевни искуства со искривување или поедноставување на реалноста.

На Масин најомилен историски уметник му е Рембрант, а на почетоците во сликарството му влијаел Салвадор Дали и неговиот професор по ликовно средно образование Васил Василев кој го забележал неговиот талент и го насочил кон уметноста.

Домот на Масин е толку мирен и опуштен, осветлен, минималитички, но воедно и изложбен простор, простор за дружење, забави, мини концерти и долги разговори, полн со слики, инструменти, растенија, се пие квалитетно кафе и пијалаци, утрата започнуваат и завршуваат со џез музика, и секако, пространо атеље како што доликува на уметник од калибар на Масин да ги задоволи сите сетила за создавање и хедонизам.

Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Уметникот во мај ги почести љубителите на неговите дела со голема ретроспективната изложба од сите негови творечки фази во изминатите 40 години насловена „Подобро на гранка отколку заглавен во лифт“ реализирана во Даут Пашин Амам, Националната галерија на Македонија. Впрочем, отсекогаш му било сон да направи изложба токму во Даут Пашин Амам.

Изложбата во Даут Пашин Амам / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Во неговиот развој како сликар, стилски влијаело неговото опкружување, новите градови, новата љубов… Масин имаше фази на сликање птици, мајмуни, риби и жени и со спојување на истите создаваше нови дела и креатури. Покрај сликањето како медиум, Масин се занимава и со инсталации, графики, сценографија и перформанси.

„Како зрееш, имаш некоја идеја, и бараш медиум каде што најлесно и најдобро можеш да го направиш, да го реализираш тоа. Иако, сум повеќе за штафелај на сликарство, како сликар, не се плашам, дури сакам да си пробам други техники. Некогаш сум добар, а некогаш најдобар.“ 

Како познат македонски уметник, Масин се издвојува со својата харизма, интелигенција, животен стил и начин на експресија, без дневни ритуали и навики. Тој додава дека понекогаш слика по два месеци, а пак, некогаш има моменти кога не влегува во атељето. Неговиот живот е исполнет. Тој ужива и кога слика, и кога не слика.

„Јас сум задоволен како Римско Царство со подеми и падови. Сепак, сум задоволен и на шеесет години. “

Целото интервју со Масин проследете го подолу:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот