ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Милан Стефановски, политиколог: Еуфорично презентирање на инвестиции во стилот на Никола Груевски

Милан Стефановски / Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

ВМРО-ДПМНЕ е една конгломерат партија и таа е многу силна во стилот на презентирањето на проектите, тој стил го негуваше и Никола Груевски кога беше лидер на ВМРО-ДПМНЕ и тој континуитет не е лошо да се запази иако Христијан Мицкоски има различен стил, но еуфоричноста во настапот на презентирањето на проектите е тој стил препознатлив и тој дава разултати, вели Милан Стефановски во интервјуто за утринската програма на Слободен печат

Граѓаните од новата Влада бараат инвестиции, нови работни места и повисоки плати, а премиерот Христијан Мицкоски првата голема инвестиција во секторот на енергетиката ја најави мошне помпезно уште и пред да седне во премиерската фотелја. Политикологот Милан Стефановски, кој беше гостин во утринската програма на Слободен печат, посочи дека еуфоричноста во најавувањето на економските проекти е добро утврдена практика на ВМРО-ДПМНЕ и не се разликува многу од стилот што го негуваше Никола Груевски.

– ВМРО-ДПМНЕ е една конгломерат партија и таа е многу силна во стилот на презентирањето на проектите, но за да граѓаните го очекуваат од вас тоа што вие ќе го испорачате е многу важно да имате отчет што сте сработиле претходно, со какви кадри располагате и стилот да го запазите во однос на чесноста, односно тоа што сте го ветиле да го остварите. Тој стил го негуваше и Никола Груевски кога беше лидер на ВМРО-ДПМНЕ и тој континуитет не е лошо да се запази иако Христијан Мицкоски има различен стил, но еуфоричноста во настапот на презентирањето на проектите е тој стил препознатлив и тој дава разултати – вели Стефановски.

Што се однесува до проблемите што настанаа на меѓународен план, откако претставниците на новата власт одбиваа или неволно го употребуваа уставното име на државата, Стефановски потенцира дека ВМРО-ДПМНЕ како демо-христијанска партија е обременета со националните прашања, но од друга страна таа беше изоставена од преговорите со Грција и не сноси вина за евентуалните негативни аспекти на Преспанскиот договор.

– Не би ги потценил граѓаните кои се свесни дека е преризично да се отстапи од Преспанскиот договор. Во поглед на претстојните евроинтеграции и особено поради тоа што тоа е уставна категорија, а прашање е дали ВМРО-ДПМНЕ може да смета на двотретинска поддршка за промена на Уставот, доколку намерата е да се излезе од условите договорени со Преспанскиот договор – додава аналитичарот.

Тој смета дека однесувањето на претседателката Гордана Силјановска – Давкова, која на инагурацијата одби во заклетвата да го каже уставното име, како и коментарите на премиерот Мицкоски околу придавката Северна, не се случајни и според него се подготовка за нова преговарачка позиција.

– Мислам дека во политиката нема случајност и мислам дека тоа беше можеби еден тактичко-стратешки потег на ВМРО-ДПМНЕ, да можеби почувства колкава е сензибилноста на прашањето и на соседите поврзана со нас и со името. До каде дојден тој процес во атмосферата во тие две општества. И второ мислам дека станува збор за јакнење на преговарачката позиција на државата во однос на соседите, бодејќи во претходното раководство на СДСМ и по дома се користеше уставното име – изјави Стефановски.

Целиот разговор со нашиот гостин, проследете го на следниот линк:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот