ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Јуруковски за африканските племиња: Гладта ги тера да пијат крв од вените на кравите

Билјана Јуруковски/фото: Фејсбук

Многумина ја претставуваат како фотограф, но таа е уметник во секоја смисла на зборот. Билјана Јуруковски – Миленкоска е самата по себе уметност.  Слика, фотографира, изработува уникатна облека, од неодамна се занимава со креативна изработка на калабаши (лејки). Оваа Македонка што долги години живее во Австралија веќе десет години е редовен гостин на домородните племиња во Африка. Инспирирана од автентичноста кај ова население, таа преку нејзините дела се обидува да ни го долови тој далечен непознат свет за нас.

Јуруковски завршила висока медицинска школа и била извршен менаџер во Домови за стари лица, но животниот пат ѝ ги отворил видиците за професионална фотографија во која се покажала како успешна, а нејзини фотографии се појавуваат и во престижни светски списанија како „Национална географија“, „Гардијан“ …

Од бројните патувања низ светот Етиопија, Судан, Ангола, Куба, Монголија се само дел од земјите кои ги посетила, а последната експедиција се случила во Бенин.

– Во Бенин требаше да биде „лесна“ експедиција, се подготвувавме за нешто поедноставно, но уште на почетокот ни се случи голема трагедија, имавме  сообраќајка со човечка жртва. Загина младо момче од локалното население. Не бевме ние виновни за незгодата, но завршивме по болници и полиции, па така не беше сè како што планиравме. Остатокот од патувањето се посветивме на средбата и дружење со тамошните племиња со цел да го документираме нивниот начин на живот – вели Јуруковски за „Слободен печат“.

Главниот фокус на посетата во Бенин биле вуду-ритуалите.

– Вуду е главна религија во Бенин, призната во 1996 година. Ни беше интересно да видиме дали тоа што Холивуд го прикажува за црната магија е навистина така, од местото од каде што и започнува вуду-религијата. И видовме дека нема ништо со вуду-куклите и дека вуду е всушност начин на живот, верување во задгробен живот, духот на оние што заминале, огромна почит кон мртвите и верба во тоа дека сè што нè опкружува во природата како камењата, дрвјата, реките… има дух – рече таа.

Билјана Јуруковски/фото: Фејсбук

Ритуалите на кои присуствувала Јуруковски се фестивали во кои главна улога имаат егунгуните.

– Имавме исклучителна можност во живо да присуствуваме на настан кој се случува само еднаш во годината. Главниот егунгун излегува. Тој е целиот покриен и никој не знае кој е зад маската. Тоа е карактеристично за егунгуните, носат многу убаво декорирани постави, широки и шарени, впечатливи од сите страни и не смее да им се гледа ниту еден дел од телото. Егунгуните ги претставуваат духовите на умрените и тие веруваат дека духот нема лице – вели фотографката.

Дел од вуду религијата вклучува и принесување на жртви, најчесто се тоа крави, кокошки, кози… Веруваат во еден бог, но имаат и споредни богови како бог на грмотевиците, на војната…

Билјана Јуруковски/фото: Фејсбук

Тие се сиромашни краеви од светот, луѓето таму со денови немаат што да јадат, раскажува нашата соговорничка, жените како во древно време, одат пешки  и по 80 километри за да најдат вода.

– Кога е суша со денови се без вода и храна. Чуваат добиток, кравите ги чуваат за да имаат млеко, но кога е суша и кравата нема млеко. Во тие денови за да ги прехранат децата им даваат да пијат крв од југуларната вена на кравите. Замислете колку е тоа тешко, бевме на високи температури без капка вода. Е, тогаш се освестува човек колку треба да цени некои работи во животот – рече таа.

Јуруковска нагласува дека многу племиња сè повеќе ја губат традицијата, бидејќи биле колонизирани.

– Во Бенин племињата се исчезнати, зачувани се само ритуалите. Затоа ние кога ги посетуваме овие племиња покрај тоа што ја документираме нивната култура и начин на живот и преку овие наши посети на некој начин имаме мисија да им кажеме дека треба да се грижат да го зачуваат своето – вели таа.

Билјана Јуруковски/фото: Фејсбук

Не е лесно да се стигне до овие луѓе, а уште потешко е да се постигне блискост за да може да се постигне интимен момент – фотографија! Јуруковска ни раскажа каков е патот на овие експедиции.
Таа на овие патувања на домородните племиња им раскажува за една далечна земја со име Македонија и ги учи по малку македонски.

На видеото ќе имате прилика да видите и еден интересен момент кога Африканците зборуваат на македонски .

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот