ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Костов: Најмалиот пациент е опериран веднаш по раѓањето, најстариот на 100 години

Д-р Миленко Костов-неврохирург во Систина / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

И по операција на тумор на глава пациентот може да си оди дома по три дена, вели за „Слободен печат“ специјалистот по неврохирургија, д-р Миленко Костов од приватната болница „Аџибадем Систина“. Тој заедно со неговиот тим успешно изведе интервенцијата за отстранување на голем интракранијален тумор кај 43-годишен пациент, кој се наоѓал на базата на черепот. Процедурата е изведена со помош на најсовремен неврохируршки микроскоп „Kinevo 900“ и флуоресцинско боење, а со претходна подготовка и под контрола на невронавигација.

– Пациентот повеќе од 6 месеци имал изразити симптоми со трнење на десната половина на лицето и неможност за нормално движење на вилицата. Првпат во земјава при ваков тип интервенција се употреби флуоресцинско боење и невронавигација. Тоа е метода при која со давање посебен тип контраст предоперативно се добива туморско пребојување видливо само со овој тип микроскоп, што, пак, овозможува целосно отстранување на туморското ткиво и воедно препознавање на маргините на здравото мозочно ткиво – вели Костов.

Тој објаснува дека овие процедури ја направиле интервенцијата максимално безбедна и овозможиле целосно отстранување на туморот без засегање на околните витални мозочни структури.

– Оперираниот пациент беше пуштен на домашно лекување во добра општа состојба со повлекување на симптоматологијата –  вели докторот.

Самата операција траела пократко, затоа што пациентот бил пократко време под анестезија, помалку имало загуба на крв. Станува збор за тумор со големина од над 5 сантиметри во дијаметар. Докторот објаснува дека тоа е големина на една поголема мандарина.

– Статистиката покажува дека кај возрасната популација, над 50 години, доста е зголемена фреквенцијата на појава на малигни тумори, коишто се лекуваат, но имаат различен успех. Генерално, имаме малигни тумори коишто кога ќе ги откриеме навреме со добра предоперативна подготовка, добро болничко лекување и онколошки третман, можеме да добиеме квалитетен живот и со децении. Кај децата нема зголемување на мозочните тумори и тие најчесто се бенигни – вели Костов.

На прашањето кој е најмладиот пациент којшто го оперирал, докторот вели дека за жал тоа се често новороденчиња со вродени мани.

– Сме имале и двочасовно бебе, сме морале да интервенираме. А за возрасни пациенти, можам да ви кажам дека сме имале пациент со години со три цифри. Пациентката после интервенцијата беше добро и навистина живееше уште неколку години после тоа – вели докторот.

Со доктор Костов зборувавме и за роботите во хирургијата, за тоа дека некои процедури кои ги нема во државното здравство треба да бидат покриени од Фондот за здравство во приватните болници, но и за многу други теми.

Целото интервју погледнете го во продолжение:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот