ВИДЕОИНТЕРВЈУ| Цветановски: Кај нас граѓаните имаат 10 пати помалку фотоволтаици отколку во Словенија

Небојша Цветановски / Фото: „Слободен печат“, Слободан Ѓуриќ

Во Макдонија исплатливоста на еден фотоволтаичен систем за домаќинство е 9-10 години. Тоа е повеќе отколку во други земји, затоа што имаме ограничувања во однос на капацитетот за производство на струја, како и поради цените по кои овие домаќинства може да ја продаваат својата струја, наспроти цента по која ја купуваат кога тоа им е потребно

Цената на фотоволтаиците е значајно намалена и потенцијалот на сонцето може да се искористи многу подобро ако постои кохерентна социо-економска политика, издржана енергетска стратегија која ќе вклучи поголема државна помош, промена на законски решенија и надминување на административни бариери, порачува Небојша Цветановски, сосопственик и директор на компанијата за дизајнирање и конструкција на фотоволтаични централи „Енерком солар“, кој беше гостин во утринската емисија „Слободен печат“.
Цветановски вели дека примената на фотоволтаиците кај нас е на значајно пониско ниво од европското, па и во регионот.

– Во Словенија, на пример, има 20.000 домаќинства што се корисници на фотоволтаични централи и произведуваат енергија за свои потреби, додека кај нас тој број се движи некаде 2.000, значи зборуваме за сооднос од 1 спрема 10 – вели Цветановски.

Кај нас исплатливоста на еден фотоволтаичен систем за домаќинство е 9-10 години. Тоа е повеќе отколку во други земји, затоа што имаме ограничувања во однос на капацитетот за производство на струја, како и поради цените по кои овие домаќинства може да ја продаваат својата струја, наспроти цента по која ја купуваат кога тоа им е потребно.

– Што се однесува до цените на самиот фотоволтаични системи, тие за 6-киловатен систем по домаќинство, се движат некаде од 400 до 500 евра за киловат-час, значи 2.500 до 3.000 евра. Секако, цената варира од квалитетот на опремата што се вградува. Но, сепак, интересот е мал поради ограничувањето на капацитетот – вели Цветановски.

Тој потенцира дека ограничувањето на 6 киловати важи и за станбените згради каде што струјата од фотоволтаичните централи може да се користи само за заедничките потреби, а и тоа би можело да се реши поинаку.

– Ние работиме на тоа да ја збогатиме понудата со нови технологии, не само за индустријата, туку и за домаќинствата, а тоа се системи за складирање на струја, бидејќи најголема потрошувачка се одвива попладне и навечер – објаснува Цветановски.

Голем проблем е тоа што сè уште не постои едношалтерски систем за самата постапка за фотоволтаични системи.

– Во дел на административни процедури сè уште имаме една сложена состојба, иако со Правилникот за обновливи извори на енергија донекаде се поедноставија постапките. Сепак, отсуствува едношалтерскиот систем каде што може да ја завршите целата работа на едно место. Корисниците мора да се обраќаат до неколку инстанции. Мрежната регулатива сè уште ги штити операторите на преносната и на дистрибутивната мрежа – објаснува Цветановски.

Осврнувајќи се на обновливите извори на енергија, Цветановски вели дека имаме повеќе проблеми за развој на обновлива енергија и покрај тоа што сме членки на Европската енергетска заедница и што сме обврзани да имплементираме дел од регулативата.

– Директивата за обновливи извори на енергија зацртува да се дојде до степен на целосна декарбонизација до 2050 година. Ние како држава имаме стратегија за обновливи извори на енергија, но, за жал, има недоречености во подзаконските акти, кои ја регулираат таа материја. Со Договор за национални климатски енергетски цели, на среден рок, до 2030 година мораме да пристапиме кон затворање на централите од фосилни горива, пред сè на РЕК Битола – вели Цветановски.

Обновливите извори на енергија, а тука се и хидроцентралите, учествуваат со околу 30 отсто во вкупното производство на електрична енергија.

Целото ВИДЕОИНТЕРВЈУ погледајте го во продолжение:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот