ВИДЕОИНТЕРВЈУ: Бранко Росиќ | Промоцијата на „Велике приче“ на македонски ја славиме со шампањ и чкембе-чорба!

Бранко Росиќ, уредник во „Велике приче“, screenshot
Бранко Росиќ, уредник во „Велике приче“, screenshot

Многу ни значи тоа што „Велике приче“ ќе бидат преведувани на македонски јазик. Тоа значи дека ќе имаме и уште подобар одѕив во Македонија, како и дека нашите приказни ќе бидат подостапни за таа публика – вели уредникот на културната рубрика на регионално популарниот портал, новинарот и писател Бранко Росиќ

Во октомври „Велике приче“ стануваат „Големи приказни“! Во „Слободен печат“! Ексклузивно, и на македонски јазик, најдобрите текстови што се наоѓаат на популарниот сајт „Велике приче“, двапати неделно ќе се најдат во „Слободен печат“. Изборот на темите е редакциски, задоволството е на читателската публика. За соработката меѓу „Слободен печат“ и „Велике приче“ разговаравме со Бранко Росиќ, легендарен музичар, писател, новинар и уредник на културната рубрика на сајтот со кој почнуваме соработка…

– „Велике приче“ стануваат сè поголеми и пообемни. Ние во оние прегледи на географските мапи гледаме не само дека тоа е најпопуларен регионален сајт, туку и дека го читаат и луѓето од овие простори, ама и сите тие што оттука заминале некаде по светот. Од Јоханесбург до Рејкјавик – вели Росиќ.

Екипата што ги подготвува „Велике приче“ веќе еднаш го почувствува големиот успех, кога во 2012 година го создадоа „Недељник“, најчитан неделен магазин во Србија, и пошироко…

– Кога тргнавме со „Недељник“, ни кажаа дека немаме шанси, дека во Белград нема место за трет магазин од ваков тип, дека „НИН“ и „Време“ се позиционирани и дека нема да издадеме повеќе од неколку зборови. Ги демантиравме многу бргу, бидејќи „Недељник“ стана најчитан њуз-магазин во Србија.

Исто беше и со „Велике приче“. Ни кажуваа дека луѓето од овие простори не се подготвени да плаќаат за медиумска содржина, дека сакаат да читаат за беспари. Ете, и нив ги демантиравме… Луѓето ги заинтересира содржината, која е поинаква од севкупната медиумска сцена – објаснува Бранко Росиќ.

Со колегата разговаравме и за тоа што треба еден текст да содржи за да биде дел од „Велике приче“. Росиќ смета дека текстот треба да има содржина што ќе ги заинтересира читателите од Велес до Велење. Тоа да биде атрактивна приказна, напишана од некои најпознати стручни луѓе за одредени теми. Актуелноста и квалитетот на приказната се пресудни.

Во моментов кога го правевме разговорот, најчитан текст на „Велике приче“ беше „Дали денес Југославија би била најголемата авангарда во ЕУ“ што го напиша Вељко Лалиќ, главен и одговорен уредник во „Велике приче“.

Бранко Росиќ / Фото Небојша Бабиќ
Бранко Росиќ / Фото: Небојша Бабиќ

Бранко Росиќ е автор на еден мошне интересен, свежо објавен текст, со наслов „Дали некогаш ќе се смират Србите и Албанците?“.

– Тоа е мојот разговор со Шкељзен Малиќи, белградски студент, интелектуалец од Косово, учесник во студентските демонстрации во Белград во 1968-мата. Тоа е убаво, животно интервју со човекот што имаше интересна животна приказна, од студентскиот дом во Белград, враќањето на Косово, па работа на факултетот во Белград како византолог, до советник на Еди Рама – појаснува Росиќ.

Во разговорот за Слободна ТВ истакнува дека посебно е горд на големиот фељтон за феноменот на „Бијело дугме“, вклучувајќи ги интервјуата што ги снимил со Горан Бреговиќ, но и со еден куп други луѓе што опсервираа на таа тема.

За моментот кога „Велике приче“ стануваат „Големи приказни“ е посебно среќен…

– Многу ни значи тоа што „Велике приче“ ќе бидат преведувани на македонски јазик. Тоа значи дека ќе имаме и уште подобар одзив во Македонија, како и дека нашите приказни ќе бидат подостапни за таа публика. Меѓу најчитаните текстови на „Велике приче“ се и приказните што ги пишува нашата соработничка, македонската писателка Румена Бужаровска. Промоцијата на „Велике приче“ на македонски ќе ја славиме во Скопје, со шампањ и чкембе-чорба“ – на шега вели Бранко Росиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот