ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Апостолова: Децата од мали знаат како да си го одземат животот гледајќи видеа без надзор, не знаат што е штетна информација

Елена Апостолова/Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

Што е медиумска писменост? Колку нашите најмлади се медиумски писмени? Колку знаат да препознаат информација и дезинформација? И дали во образовниот систем воопшто некој води сметка за тоа колку учениците знаат да препознаат вистинска информација? Утрово на оваа тема во утринската програма на „Слободен печат“ одговор побаравме од Елена Апостолова, одделенскиот наставник од ОУ „Мирче Ацев“од општината Ѓорче Петров. Таа е автор на речник за медиумска писменост заедно уште со двајца колеги, исто одделенски наставници од Битола и Крива Паланка. Станува збор за речник којшто е испечатен на 30 страници во којшто нашите најмлади од прво до деветто одделение можат да се информираат и да научат како да препознаат вистинска информација. Таа вели дека многу е важно децата да научат дека некои од информациите до кои доаѓаат преку видеа за нив се корисни, а дел штетни. Некои од нив дури размислуваат и веќе се дојдени до информации и како да си го одземат својот живот.

– Во речникот има дел којшто е за одделенска, меѓутоа има делови внатре коишто можат да бидат користени и за постарите ученици од предметна настава, коишто можат да се вметнат во часовите по македонски. Со колегите Добри Јовевски од Крива Паланка и Гордана Анастасова од Битола, се соочувавме со исти предизвици, а тоа се толкувањето на поимите од медиумската писменост и воопшто преводот, македонскиот превод на голем дел од поимите од медиумската писменост. Дојдовме до идеја дека треба на овие поими да им се даде толкуван превод-вели Апостолова.

Елена Апостолова/Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

Таа објаснува дека речникот е смислен со игрови активности. Содржи преводи или адаптации на голем дел на зборови, почнувајќи од билборд, брошура, што значи визуелен медиум, гифови, што значи дезинформација.

-Децата сакаат да дознаат за секој поим кое е неговото значење и зависи од возраста, треба поконкретно да се работи за да можат да препознаат дезинформација. Речникот се користи на часови коишто се посветени на медиумската писменост. За жал нашите ученици не се многу медиумски, писмени. Можеби некои од нив навлегуваат во терминологијата и во проблематиката. Некои од нив можеби ќе препознаат фотографија или видео коишто се направени со помош на вештачка интелигенција. Меѓу тоа не сите. Многу е важно да ги научиме дека постојат и такви алатки затоа што еден ден можеби самите ќе бидат жртва на една видоизменета информација, фотографија во врска со нив или пак во врска со некој нивен близок-вели Апостолова.

Во прирачникот има дел кој ги учи децата како да креираат вест, ТВ програма и како да креираат весник.

– Тоа што беше најинтересно е дека овие вежби предизвикале многу дискусии на часот. Некои одат кон сензационалистички вести, а некои одат кон корисни вести, нешто што би ни било корисно. Децата се учат да препознаат и да знаат што е медиум, зошто е тој важен, кој е етичкиот кодекс на медиумите-вели Апостолова.

Таа објаснува дека секојдневно сме изложени на премногу информации кои доаѓаат до децата од најразлични извори.

– Многу е важно децата да научат дека некои од информациите за нив се корисни, некои им се штетни. Тие си мислат дека сè што ќе видат е корисно за нив или интересно, не се свесни дека сите тие работи можат да им наштетат. Така што исклучително е важно, медиумската писменост да се започне од моментот кога детето влегува во светот на медиумите-вели Апостолова.

Таа вели дека децата немаат воопшто никаква потреба да поминуваат многу време пред екран.

-Несоодветната содржина што ја гледаат, е она којашто им создава кошмари, стравови, анксиозност, депресии. Некои од нив дури размислуваат и веќе се дојдени до информации и како да си го одземат својот живот, што е многу-многу запрепастувачки. Значи, гледаат и такви видеа. Прераскажуваат кои се десетте најефективни начини да си го одземеш својот живот. А ученици од второ и трето одделение, се среќаваат со сексуални видеа, содржини со сексуална, содржина, и иако не ја познаваат проблематиката, тие ја имитираат, зборуваат, а сè уште не им е јасно што е тоа-вели наставничката.

Таа објаснува дека поминатото време пред телефон треба да биде под строга контрола на родителот и да биде минимализирано колку може најмногу. Таа секоја година на нејзините ученици им дава ливче со домашна задача, односно препораки што треба да прават во текот на летото.

– И таму пишува најмногу 30 минути во денот пред екран на телефон и таблет. За разлика од игри, да имаат најмалку 3 часа во денот. Физички игри во коишто ги користат мускулите, но и друштвени игри. Знам дека звучи за препастувачки, меѓутоа, ако го знаете щетниот ефект на мобилниот телефон, тогаш ќе сфатите дека можеби ова и е премногу-вели Апостолова.

Целото интервју погледнете го во продолжение:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот