ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Антонио Илиоски: Каде и да одам, мене срцето ми е во Македонија

Антонио Илиоски/ Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Еден од ретките талентирани, амбициозни и веќе успешни млади музичари, виолончелистот Антонио Илиоски, кој моментално е на студии во Бугарија, секогаш сака да се врати во родното Скопје и да свири за својата домашна публика. Овој пат концертот ќе го дели со пијанистката Јана Лолова од Бугарија.

Во пресрет на нивниот прв заеднички концерт, во студиото на „Слободен печат“ зборувавме за нивната соработка како музичари, за концертот и за нивните амбиции за во иднина.
Деби-концертот ќе се одржи на 3 јули во 19 часот во Културно информативниот центар, Салон 19′19, а на програмата ќе бидат дела од Лудвиг Ван Бетовен и Јоханес Брамс.

Јана Лолова и Антонио Илиоски/ Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

– Јас заминав од Македонија да учам, не сум заминал целосно и секоја година се враќам тука. Каде и да одам, се враќам со концерт, но како стигнувам до тој концерт никој не знае и не е должен да знае. Јас не сакам да сум со просечни луѓе, ако е некој мрзлив и просечен, тој и мене ќе ме направи таков. Јас сакам да одам напред, сакам каде и да застанам или да ме чујат на радио, да кажат, е тој е Македонец, барем во таа милисекунда тој некој да се почувствува како горд Македонец. Затоа што јас кога одам некаде и кога ќе ги спомнат Симон Трпчевски, Дино Имери или некои други класични музичари, јас сум горд Македонец. Каде и да одам мене срцето ми е тука и не сум се откажал од Македонија, не сум се откажал од сцената тука, затоа што пак наоѓам начин да се вратам еднаш годишно – вели Антонио.

Јана и Антонио случајно се запознале и уште од првата заедничка проба имаат одлична соработка, се надополнуваат и одлично се разбираат и професионално и приватно. Таа доаѓа од соседна Бугарија, каде што дипломирала пијано на Националната музичка академија во Софија, а ова е нејзина втора посета на Македонија.

– Втор пат сум во Македонија, имав концерт во Гевгелија на мои 11 години и многу ми се допадна, беше многу пријатно. Добив прва награда. Уште не сум видела ништо од Скопје, но има време, Антонио ќе ме прошета. Мене многу ми се допаѓа да свирам камерна музика, ми лежи на срце и откога почнав да свирам многу сум среќна, зошто имаме исти гледишта за нештата, исти карактери сме и сакаме да се случат прекрасни нешта. Сакаме да ни биде убаво, да ни е пријатно додека свириме и тоа да е незадолжително. Инаку запишав магистерски на академијата во Бугарија и се надевам дека камерната музика ќе биде мојата иднина – вели Јана.

Првиот заеднички концерт ќе го свират во Скопје, но секако имаат амбиции, заедно како дуо, да застанат на повеќе сцени, па некои настапи им се веќе договорени.

– Овој концерт ќе го свириме и на 21 август во Рим, септември, октомври ќе има некои фестивали во Софија, во комуникација сум и за Србија … Сакам да излеземе, затоа што многу луѓе се плашат од тоа. Јас сум најжив кога се предизвикувам самиот себеси од нула до сто проценти. Или ќе биде многу лошо или ќе биде многу добро, нема средина. Тоа го имаат кажано и во Софија за мене „човекот на двете крајности“ и сум горд на тоа. Многу луѓе би се изнервирале, јас сум горд, затоа што сум искрен и емотивен и не го кријам тоа – вели Антонио.

Целиот разговор со Антонио и Јана можете да го погледнете на следниот линк:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот