ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Ангелов: И сакам и не сакам да останам директор на ЦУК

Стојанче Ангелов/Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

Дали ќе останам на оваа позиција во ЦУК, зависи од волјата на премиерот Мицкоски и другите партнери во владината коалиција, вели Ангелов

Непосредно пред парламентарните избори Стојанче Ангелов, лидерот на партијата Достоинство ја напушти коалицијата со СДСМ и влезе во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Речиси 4 години е директор на Центарот за управување со кризи (ЦУК) и успешно се справува со кризните ситуации кои искрснуваат од пожари, поплави, наезда на змии, паднати ѕидови и други инцидентни ситуации. Дали ќе остане на оваа позиција во ЦУК, зависи од волјата на премиерот Мицкоски и другите партнери во владината коалиција.

– Кај мене постои амбивалентен став, јас и сакам да останам, но и не сакам да останам. Кога би заминал од оваа позиција ќе се ослободам од еден голем товар. Институцијата и без мене ќе продолжи да работи добро, бидејќи сега е во залет и мислам дека ќе може кој било да ја менаџира, управува. Сепак имам незавршени работи, а тоа е реформата на кризниот менаџмент затоа што и во претходната влада предводена од СДСМ имав целосно одврзани раце и во делот на ЦУК и никогаш не сум се пожалил како директор на ЦУК. Имав поддршка онолку колку што требаше и затоа и ги имав овие успеси од менаџерски аспект, благодарение и на вработените, но потребна е една целокупна реформа на целиот систем за управување со кризи или како што попрецизно зборува новиот премиер, потребна е целосна трансформација на системот за управување со кризи, но и на инциденти, на итни ситуации. Бидејќи факт е дека ние повеќе работиме со итни состојби, временски непогоди отколку со долготрајни кризини ситуации – вели Ангелов во интервју за емисијата „Слободен печат“.

Тој зборуваше и за својата визија за преструктуирање на Центарот, базирана на искуството од изминатиот период од менаџирањето со ЦУК.

– Во овој момент можам да понудам една концепција која ќе биде многу функционална, бидејќи ќе биде прилагодена на реалноста. Јас во моето работење и во МВР и овде можам да забележам дека одредени законски решенија или подзаконски акти не соодејствуваат на реалноста. Вие на хартија може што сакате да ставите, како што примерот со Национални шуми. Ако ви го дадат планот за противпожарна заштита на шумите, ќе кажете види колку ги има, овие се топ. Тие на хартија имаат, но немаат во реалноста. Треба да се направи еден мал и мобилен систем. Нам не ни требаат 1.000 луѓе, можеби и со 100 ќе завршиме повеќе работа отколку со 1.000. Можам да кажам дека со стотина доброобучени луѓе, млади и здрави, со добар тренинг, слично на специјална единица, само во оваа област, ефектот ќе биде многу поголем отколку воздухопловите. Кога тие би биле во јака физичка подготвеност, кога би отишле во некој шумски пожар, на тешко пристапен терен кадешто сега луѓето не се нафаќаат да отидат, тие со оние метли пожарникарски и гранки ако немаат метли, многу се корисни, посебно кога гори трева. Но тоа е мојата визија, останува на премиерот, на Владата да донесат одлука што понатаму – објаснува Ангелов.

Како дел од коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО – ДПМНЕ, Ангелов се надева дека на дневен ред во Собранието ќе се најде и Предлог-законот за измена и дополнување на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили на РМ и на членовите на нивните семејства со кој партијата Достоинство кога го поднесе пред 2 години очекуваше да се исправи неправдата кон семејствата на загинатите бранители и кон воените инвалиди од конфликтот во 2001 година и да добијат симболично обештетување. Тогашниот предлог на Достоинство го поддржаа ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, но се спротивставија од ДУИ.

– Кога зборувавме во предизборието, пред да ја напуштиме коалицијата предводена од СДСМ и пред да влеземе во коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ нашиот фокус беше на македонските бранители од 2001 година, тема за која сум голем оптимист и сум убеден дека она што го баравме ќе го добиеме многу бргу. Нека дојде владата на себе, знаеме дека буџетот сега е во катастрофална состојба, буџетот на ЦУК е во катастрофална состојба, се очекува ребаланс, сред лето е, одмори се, но веќе од есен очекувам придвижување во делот на бранителите. Верувам дека новите албански партнери во Владата нема да прават проблеми, бидејќи се работи за несреќни семејства коишто ги изгубиле своите синови во крвавата 2001 година, 15-тина семејства на загинати, можеби десетина воени инвалиди и бараме одредени симболични права за бранителите коишто нема да го чинат буџетот, чинењето ќе биде симболично, но бараме и одликувања коишто се во надлежност на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Во нејзините предизборни настапи и на митинзите таа кажа дека ќе ги одликува бранителите, се разбира не можат и не треба да се одлукуваат сите, но верувам дека преку соодветни работни тела може да се идентификува одредена бројка на припадниците на безбедносните сили коишто направиле дела достојни за одликување – вели Ангелов.

Целото интервју со Стојанче Ангелов, претседател на партијата Достоинство и директор на ЦУК погледнете го во продолжение:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот