ВИДЕО | Заврши видео средбата Путин – Бајден

Заврши средбата Путин-Бајден/ Фото: Твитер

Претседателите на Русија и на САД, Владимир Путин и Џо Бајден вечерва по нешто повеќе од два часа го завршија разговорот.

Разговорот започнал околу 18.08 часот по московско време, а завршил во 20.10 часот, пренесува ТАСС.

На почетокот на видео средбата Путин и Бајден се поздравија, а американскиот претседател изрази надеж дека наскоро ќе има лична средба.

– Ве поздравувам, господине претседателе – му рекол Путин на американскиот колега, му мафнал и се насмеал, пренесе ТАСС.

Бајден одговори дека му е „драго што го видел повторно“ и исто така мавташе со рацете.

– Мило ми е што те видов повторно. Се надевам следниот пат ќе се видиме во живо – рече Бајден.

Разговорот потоа беше затворен за јавноста.

Видео-конференцијата беше организирана преку безбедна видео врска наменета за разговори меѓу светските лидери, која за прв пат беше искористена денеска.

Путин се наоѓа во својата резиденција во Сочи, додека Бајден е во просторијата на Белата куќа наречена „Соба за состојби“, која е затворена за медиумите. Белата куќа не сподели фотографии од почетокот на средбата.

Изборот на Американците да ја имаат средбата во таа високо обезбедена просторија, во која американската извршна власт ги следи чувствителните воени интервенции, открива висок степен на тензија во Вашингтон, оценува Франс прес.

Вашингтон, НАТО и Киев ја обвинуваат Москва дека собира војници на границата со Украина и подготвува напад. Москва неколку пати го демантираше тоа и ги обвини западните земји дека ги зголемуваат тензиите со одржување на воени вежби на Црното Море.

Покрај Украина, Бајден и Путин разговараа за стратешката стабилност и контрола на нуклеарното оружје, сајбер безбедноста и иранската нуклеарна програма.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот