ВИДЕО: Во Тетово домови под вода, заглавени и оштетени возила, запустени ниви

Фото-Фејсбук/Тина Миховска

Поплавени улици и објекти, блокирани патишта, заглавени возила, уништени земјоделски посеви. Секое лето истата слика во Тетово. Природата, но и нефункционалноста на институциите си го земаат данокот. Деновиве во два наврати Тетово и селата пливаа во вода. И попладневно можеа да се забележат остатоци од песок и камења по улиците. Граѓаните кои ги чистеа поплавените објекти велат дека крајно време е надлежните да преземат конкретни чекори за да не се повторува ваквата состојба по секој дожд.

„Овде малку да заврне излегува вода, извира. Значи ставаме цигли некои за да пројдат луѓето. Кога се правеше улицата, имаше ставено големи цевки, а понатака со мали цевки продолжија.И се расипуваа цевките затоа што извираше вода, излегуваше многу нечиста вода, има разни ѓубриња“, рече Насер Алии жител на Тетово.

„Страшно беше, како некоја непогода. Нема место каде што нема влезено вода. Еве и куќата моја е над патот пак во визба ми влегува вода. Стручњаците за оваа работа, треба да знаат што треба да направат. Ние секогаш сме имале проблеми. Особено овој дел,езеро било, со чамци да се проаѓа. Сега малку е санирано, меѓутоа со овие непогоди, со поројни дождови, не знам што треба да се направи. Не само во Тетово и во тетовско е исто оти селата се катастрофа, вели Нада Блажевска жителка на Тетово

„На гробишта бев сега, вратата во средина е преполна, мора да вртиш за да влезеш. Мора нешто да се преземе. Дождот не можеме да го допреме,ама некои работи треба да се средат поготово овааа улица“, изјави Трпана Ѓорѓевска жителка на Тетово

Тетовските пожарникари повторно на терен преку цел ден се справуваа со последиците од невремето. Целата ситуација ја следи Кризниот штаб на Тетово како и Дирекцијата за заштита и спасување.

„Нас не зафати голема природна непогода. Треба да ја видиме состојбата па да ги процениме штетите. Кризниот штаб е активен, вчерашниот ден беше сличен како и претходно. Улиците најкритични се улицата 142 тоа е кај Штуловиот универзитет, кај Мала Речица има поплавени подруми и куќи, секаде имаше вакви случување. Имаме многу јавување од граѓани што пријавуваат штети. Големи штети имаме на земјоделските посеви. Имаме и оштетени возило“ велат од ЦУК.

Од Центарот за јавно здравје апелираат на внимателно користење на вода за пиење особено од селските водоводи

„Деновиве сме сведоци на временски неприлики, кои го зафатија нашиот регион. Во таа смисла Ве информираме дека, може да дојде до заматување на водата за пиење, особено во селските средини каде што нема стручно одржување на водоводите. Ако дојде до заматување на водата за пиење, препорачуваме: Да не се користи истата, т.е. да се користи флаширана вода или да се изврши превривање (ВРИЕЊЕ) на водата, во време од 10 минути, и после ладење, може да се користи.Напоменуваме дека засега резултатите на водата за град Тетово одговораат на прописите и истата редовно се контролира“, изјави доктор Ратко Давидовски од Центарот за јавно здравје Тетово.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот